Во Струмица, денеска, во организација на Фондацијата „Елеуса“ при Струмичката епархија и Школата за веронаука при храмот „Свети Кирил и Методиј”, и со поддршка на Општина Струмица, се одржаа традиционалниот Бадникарски концерт и Бадниковата поворка.
Одбележувањето на Бадник почна со Бадникарска поворка од црквата „Свети Кирил и Методиј“, која се движеше до зградата на Општина Струмица, каде младите бадникари ги пречекаа градоначалникот Костадин Костадинов и викарниот епископ Стобиски Јаков и притоа им поделија новогодишни пакетчиња.
Според градоналникот Костадинов, во пресрет на празникот над празниците има вистинска радост во Струмица.
-Дечињата на дело покажуваат дека сме на ден пред празникот над празниците. Струмица како центар на православието веќе четврта година по ред го најавува Христовото раѓање преку ангелскиот глас на најмалите струмичани и струмичанки. На сите струмичани им посакувам мир, среќа и благосостојба и секако да го славиме Бог, оти само тој е нашиот вечен владател, изјави Костадинов.
Викарниот епископ Стобиски Јаков рече дека денешниот Бадникарски концерт и поворка извира од црквата, бидејќи децата кои учествуваат биле на Светата литургија која се служела утрово во Црквата „Свет Кирил и Методиј“.
-Пораката која јас ја испраќам не би требало и не смее да се разликува од онаа порака, песна што ангелите ја испееја пред повеќе од 2 илјади години, а на пастирите и на светот им ја објавија најрадосната вест и вечно новата новост дека се роди Христос, дека Бог стана човек за ние да станеме богови по благодет. Бог стана слуга заради нас и наше спасение за ние да го вратиме достоинството на господари на сета природа и Бог стана човек за да ни објави дека неговата добра волја, неговото благоволение на неговиот син е нашата единствена надеж, изјави Владиката Јаков.
На Бадникарскиот концерт на Плоштадот „Гоце Делчев“ беше изведена богата црковна и културно-уметничка програма. И во други општини во југоисточниот регион беа организирани манифестации по повод Бадник.