
Вкупно 228 бебиња се родиле во кавадаречката болница во 2025, наспроти 140 во 2024 година. За ова информираше директорката Гордана Ѓорчева – Камчева. Таа синоќа заедно со градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, го посетија првороденото бебе во оваа болница. Тоа, според директорката, значи дека гинеколошко – акушерското одделение во Болницата е на едно повисоко ниво.
– Ја враќаме довербата на пациентките, да доаѓаат во оваа болница за чинот за породување, но и за гинеколошки оперативни третмани. Да не патуваат до Скопје, да го скратат времето до исто квалитетна медицинска услуга и нега. Истото високо ниво ќе го добијат тука благодарение на нашиот тим на гинеколошко – акушерското одделение и тимот на Гинекологија и акушерство од Скопје, појасни директорката.
Притоа сподели дека гинеколошки операции во 2023 имало 59, 67 во 2024 година и 162 во годината што измина.
Оваа јавна здравствена установа е регионална и во неа здравствена заштита добиваат пациенти од четири општини. Кавадарци, Неготино, Росоман и Демир Капија. Но, здравствена услуга добиваат и пациенти од поширокиот регион.

Македонски






