Skip to main content

Занаетите ќе ја надживеат и вештачката интелегенција

Зоран Михајлоски е последниот ковач во Прилеп и во Регионот. Порано имало многу повеќе работа. Сега  ги дотерува земјоделските орудија, ама сѐ помалку. Но, не се жали. Вели, се живее скромно. Техологијата, смета Михајлоски, си го направила своето.

-Па, добро се живее. Точно, намалена е работата. Со занаетот сум повеќе од 26 години. Наследен е, јас сум четврта генерација ковачи во Прилеп. Се живее, ама малку поскромно. Најмногу изработувам  секири и други земјоделски алатки. За жал, нема кој да го наследи занаетот, освен  да се појави некој млад кој сака да научи. Технологиите одат напред, што е нормално. Еве, фабриките ги прават алатите, ама, на пример, ако купат секира, мора да дојдат кај мене за да ја оспособам да работи, скромно анализира Михајлоски додека силно удира со чеканот во својата работилница во Прилепската стара чаршија, во улицата на „Бочварите“.  

Занаетот е злато, ама времињата се менуваат

Ковачкиот, наланџискиот, лимарскиот, шнајдерскиот занает изумираат, времето бара поддршка на дефицитарните занимања. Во чаршијата и во стопанството. Наланџијата, или сега, секирџија, Стеван Николоски вели дека знаетот го одржува зашто дуќанот е во фамилијата. Прилепскиот шнајдер Славе Дулески посочува дека нема повеќе шивачи и изработувачи на костуми, туку само „поправачи“ на облеката. Лимарите сѐ уште се барааат, ама нема наследници да „запнат“ да работат.

Старите занаети полека изумираат во Старата прилепска чаршија. Ама се појавуваат нови дејности, нови профитабилни занимања. Времето не им поминува на водоводџиите, плочкарите, столарите, електричарите, заварувачите, автолимарите, малтерџиите, ѕидарите… Занаети кои немаат рок на траење. А каков е интересот, но и поддршката од заедницата?

Стопанството побарува, вештачката интелигенција не може да им наштети на занаетите,  Прилеп ќе носи стратегија

Од Прилепската регионална стопанска комора се прецизни. За занаетите „нема зима“. Ниту вештачката интелигенција не може да влијае и „да ги збрише“ профитабилните занаети.

-На пазарот на трудот се бараат готвачи, ветеринарни техничари, заварувачи, водоинсталатери и такви дејности кои денеска ги нема на пазарите и работната рака секој ден е сѐ поскапа. А ниту вештачката интелигенција не може да им наштети на занаетите, вели Никола Мариноски, претседател на Регионалната стопанска комора од Прилеп.

Прилеп ќе бара стратегија за потребните, профитабилни занаети кои ќе ѝ носат бенефит на Општината. Сака да го следи примерот на Скопје, Куманово, Охрид. Освен државата која треба да ги поддржи профитабилните занаети, Прилепската занаетчиска комора најавува соработка со локалните власти за да донесат стратегија за потребните занаети за заедницата и оние што треба да ги субвенционира и да ги поддржи. Досега немало интерес.

-Сме во преговори со новиот градоначалник. Досега нашите барања не беа земени предвид. Почнуваме да дискутираме на таа тема и мислам дека за брзо ќе дојдеме до заклучок кои занимања и со колкави средства ќе ги субвенционира Општината. Оние занимања што создаваат приход и се атрактивни. Ќе мора да направиме листа на атрактивни занаети. Во почетокот  на оваа година излезе нова листа на дејности што ја објави министерството за економија, но сметам дека  во таа листа на дејности има многу кои порано не постоеле, што се резултат на оваа технолошка ера. Ама и иселувањето има големо  влијание, повеќе мајстори ја напуштија државата. Мора да гледаме и така на работите. Некои дејности ќе изумрат, други ќе бидат нови, профитабилни и барани, објаснува Кирил Трпчески, претседател на Прилепската занаетчиска комора.

Проблеми во образованието, се бара едукација на учениците и на родителите

Новите генерации побрзо ги сфаќаат  предностите на профитабилните занаети. Ама, искуството покажа дека нивните родители не го следат чекорот на новото време. Или, поточно, за бараните занаети за кои нивните деца ќе треба „да засучат ракави“. Искуството од прилепското Електро-машинско средно училиште „Ристе Ристески-Ричко“ кое е најголемо од петте средни училишта во Прилеп со близу 1000 ученици и лидер во дуалното образование,  не може да отвори паралелки со одредени занимања, зашто родителите создаваат отпор. Иако профитабилни, за одредени занимања не сакаат нивните деца „да ги валкаат рацете“. Предлогот е да се одржат едукации, и тоа со родителите и токму во основното образование на нивните деца.

-Отвораме групи за профитабилни занимања, освен електромашинските. Како, на пример, заварувачи. Но, или не се пријавуваат ученици или по еден или двајца, па не може да се оформи профилната насока. Најголем проблем се родителите кои, условно речено, не сакаат нивните деца „да си ги валкаат рацете“ со одредени занимања, а се бараат на пазарот на трудот и се профитабилни. По сѐ изгледа дека треба наместо „Отворени денови за учениците“, да правиме за родителите. Или, на родителските средби во осмите и во деветтите одделенија во основните училишта, колегите од основното образование да укажуваат дека не е срам да се работат занаетите. Напротив, занаетите се профитабилни и се многу барани и платени, објаснува Цветанка Ѓорѓиеска, директорка на Електромашинскотосредно училиште „Ристе Ристески-Ричко“ од Прилеп.

Профилот на занаетите се менувал низ вековите и технолошкиот напредок. Но, непроменливо е тоа што секое врме носи занаети на својата сегашност. Некои занаети, природно, изумираат, се раѓаат нови. Прашање е колку човекот го следи напредокот кој неминовно доаѓа. А знаењето и способноста се модифицираат на потребите.

МИА

Поврзани вести