Skip to main content

Започна кампањата „Поддршка за згрижувачките семејства“ со делење на 150 пакетчиња

Со делење на 150 пакетчиња за деца од згрижувачки семејства денеска започна Националната кампања „Поддршка за згрижувачките семејства“.

На настанот што се одржа во ВЕРО Центар, заменик-министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, изјави дека оваа иницијатива покажува како сите заедно можеме да направиме разлика и да донесеме радост и топлина за време на празниците.

Згрижувачките семејства обезбедуваат многу повеќе од дом – тие се извор на љубов и стабилност за децата кои се соочуваат со животни предизвици. Истовремено, центрите за лица со попреченост претставуваат соодветно место каде овие лица добиваат поддршка, стручна грижа и можност да ги развиваат своите вештини. Оваа иницијатива покажува како сите заедно можеме да направиме разлика и да донесеме радост и топлина за време на празниците, изјави Велковски

Петар Денковски, директор на ВЕРО, додаде е голема чест и задоволство да се биде дел од кампањата за поддршка за згрижувачките семејства.

Празниците се време на љубов, надеж и дарување. Згрижувачките семејства и центрите за лица со попреченост се вистинските херои на нашето општество, а преку оваа кампања имаме можност да ги поддржиме и да внесеме насмевки на лицата на децата под нивна грижа. Не станува збор само за подароците, туку и за создавање моменти на заедништво, радост и потсетување дека сите сме дел од истата заедница, истакна тој.

Според информациите на заменик-министерот Велковски, во моментов, во Македонија се згрижени над 320 деца во над 230 згрижувачки семејства.

Кампањата има за цел да оддаде признание на згрижувачките семејства и центрите за лица со попреченост, како и да овозможи помош и промени во животите на децата на кои тоа им е најпотребно.