Skip to main content

СОЗР ги стави во официјална употреба новите службени регистарски таблици

Службата за општи и заеднички работи – СОЗР ја започна официјалната примена на новите, специјални службени регистарски таблици, со што се става крај на можноста за нивна злоупотреба за приватни и партиски цели. Промоцијата на новите таблици се одржа на паркингот кај Спортскиот центар „Борис Трајковски“, а на настанот присуствуваа Ивица Томовски, Директор на Службата за општи и заеднички работи и Александар Јанев, Директор на Бирото за јавна безбедност.

Директорот на СОЗР, Томовски нагласи дека оваа иницијатива е реализирана по насока на премиерот Христијан Мицкоски, со цел воспоставување транспарентност и дисциплина во користењето на државните возила.

„Пред неполна година формиравме работна група во рамките на Владата и отпочнавме постапка за брендирање, односно замена на сите таблици во службените возила во државата. Долго време слушавме дека ќе се спречат злоупотребите, но тоа не се реализираше. Сега тоа го покажуваме на дело. Им дадовме насоки и препорака на сите институции да започнат со промена на таблиците и ова денеска претставува втор повик за тоа – до 15 септември да бидат брендирани сите возила. Доколку тоа не се направи, рокот се продолжува до 29 септември, до почетокот на кампањата за локалните избори. Во спротивно, при следната регистрација институциите задолжително ќе ги добијат овие таблици,“ изјави Томовски.

Тој посочи дека државата моментно располага со околу 7.000 до 7.500 вакви возила, но сѐ уште нема целосен регистар за нивна евиденција, што дополнително ќе биде регулирано во следниот период. Томовски напомена дека тоа како обврска го презема Министерството за внатрешни работи, заклучно со 31.12 оваа година да го изготви овој регистар и конечно да имаме јасна слика за тоа со какви возила располага државата.

Директорот на Управата за јавна безбедност, Александар Јанев, исто така ја поздрави одлуката и го истакна нејзиното значење во контекст на меѓународните препораки и европските стандарди.

„По 34 години независност и по бројните забелешки содржани во извештаите на ОБСЕ и ОДИХР, кои беа давани за време на претходните избори, како институција задолжена за јавната безбедност целосно ја поздравуваме оваа мерка и ја имплементираме без исклучок. Воведувањето на единствени службени таблици претставува важен чекор во насока на транспарентност, отчетност и професионално управување со јавните ресурси. Ова не е само техничка промена, туку суштинска реформа која ја зајакнува довербата на граѓаните, ја потврдува одговорноста на државата и го усогласува нашето функционирање со најдобрите меѓународни практики. Убеден сум дека ваквиот пристап ќе придонесе за зголемување на институционалниот интегритет и за поефикасна контрола врз користењето на службените возила,“ изјави Јанев.

Со воведувањето на новите службени таблици, институциите добиваат јасна обврска за правилно и транспарентно користење на државните возила, со што се зајакнува довербата на граѓаните и се обезбедува одговорно управување со јавните ресурси.

Поврзани вести