
Центарот за управување со кризи (ЦУК) објави извештај за состојбата на терен до 09:00 часот по последните снежни врнежи во државата, при што се евидентирани повеќе потешкотии во сообраќајот и снабдувањето со електрична енергија.
Од Скопскиот регион, ЈСП Скопје информира дека мал број автобуси од приградските линии не сообраќаат до крајните дестинации. Станува збор за линиите со броеви 11, 64, 74, 80 и 81.
Во Битолскиот регион, на регионалниот пат Крушево – Пуста Река во Општина Крушево ќе се интервенира во претпладневните часови. Патот во моментов е прооден исклучиво за теренски возила и возила со соодветна зимска опрема. Во Општина Демир Хисар, поради дефект на електричната мрежа, без струја се корисниците во селото Големо Илино, а екипите на ЕВН работат на отстранување на проблемот.
Во Охридскиот регион, во Општина Кичево сè уште се чистат патните правци кон планинските села, при што се очекува тие да бидат целосно расчистени во текот на денот.
Во Штипскиот регион, во Општина Виница, на повисоките населени места е забележана појава на голомразица, поради што се препорачува внимателно управување со возилата.
Во Кумановскиот регион, во Општина Ранковце, во текот на денешниот ден ќе се врши расчистување на патиштата кон селата Герман и Огут.

Македонски




