Skip to main content

Поплави и свлечишта во Полошкиот Регион, нормализирана состојбата во Кичево, во Кумановско нема опасност од излевање на реките

Центарот за управување со кризи информира дека до 13.30 часот денеска обилните врнежи од дожд предизвикале проблеми во повеќе региони во државата. Полошкиот, Кумановскиот, Кичевскиот и Скопскиот Регион се најпогодени, со регистрирани поплави, свлечишта и оштетувања на инфраструктурата. Според ЦУК, во северозападниот дел од земјата евидентиран е поголем број интервенции, а на одредени населени места е извршена и евакуација на жителите.

Како последица на обилните врнежи од дожд во Северозападниот Регион, подрачјата што ги покриваат РЦУК Тетово и РЦУК Гостивар бележат поголем број интервенции поради поплави и свлечишта.

Во Тетово е пријавен паднат потпорен ѕид врз семејна куќа на улицата 146. На терен се излезени Кризниот штаб на Општина Тетово, полициска екипа од ПС Тетово и општинските инспекциски служби. Евидентирано е и свлечиште на патот кон Попова Шапка, на речисик 150 метри од жичницата. Одронот претставува ризик за околните станбени објекти. Големо свлечиште е регистрирано на улицата 195, на патниот правец од село Џепчиште кон село Џермо. Патот е непрооден за целото маало. Свлечиште е пријавено и на улицата Прохор Пчински.

Во село Вејце пријавено е свлечиште над куќа со веќе постојни оштетувања од земјотресот.

Во општина Желино реката Вардар се излеала во село Стримница, при што се поплавени пет куќи. Од ЦУК велат дека поради конфигурацијата на теренот, пристапот за интервенција е отежнат.

Во општина Теарце пријавени се поплавени подрумски простории во село Теарце. Известени се надлежните институции. Во општина Јегуновце поплавен е локалниот пат од село Сиричино кон село Јегуновце. Општината испрати механизација и се очекува нормализирање на сообраќајот. Во Гостивар состојбата се стабилизира по престанокот на врнежите. Реките во селата Лакавица, Беловиште, Мало Турчане и Балиндол се повлечени во своите корита. Во село Форино, по излевањето на реката Вардар, водата е повлечена од улиците. Поплавени се речиси 200 куќи. Во тек е испумпување на водата со ангажирање служби и локално население.

Од ЦУК соопштуваат дека на подрачјето на Куманово, како и во општина Липково и општина Старо Нагоричане, во моментот нема опасност од излевање на реките – водостојот е намален и водата е повлечена во коритата.

Од вчерашните врнежи во село Опае (општина Липково) поплавено е земјоделско земјиште по излевање на Слупчанска Река. Некои од земјоделските површини се поплавени и во село Оризаре.

Во село Доброшане, кај мостот кон село Шупли Камен, имало насобран отпад и локално излевање на обработливо земјиште. Во моментот нема опасност. А во населбата Бедиње е однесен дрвен мост од надојдената река. Известени се надлежните служби.

Во Кичево врнежите престанале и нивото на реките е намалено.

Состојбата во градската болница е нормализирана. Евакуирани се 250 лица (62 семејства), на кои им се доставува храна, вода и неопходни средства. Екипите на ЈП „Комуналец“ и ТППЕ вршат испумпување на водата од подрумите на улиците: Прилепска, Пиринска, Први Мај и 29 Ноември, како и кај домовите покрај реките Треска и Зајашка. Поплавени се и земјоделски површини покрај речните корита во општината – соопштуваат од ЦУК.

Во Скопје, според нивните информации, е пријавена надојдена вода кај мостот во Јурумлери (граница меѓу општините Аеродром и Гази Баба), како и минимално излевање на реката Вардар кај село Пакошево – Ново Село, во општина Зелениково.

Засега, како што дополнуваат од ЦУК, нема други пријави

Поврзани вести