Skip to main content

Изложбата за балканскиот рис може да се посети во „Лабораториум“

Патувачката изложба за балканскиот рис може да се посети во просториите на едукативниот културен центар „Лабораториум“ во Скопје до 5 април. Наменета е буквално за сите возрасти, а влезот е бесплатен.

Патувачката изложба за балканскиот рис по седум посетени места низ Македонија првпат е пред скопската публика.

Изложбата ја организира Македонското еколошко друштво (МЕД) во рамките на регионалната Програма за закрепнување на балканскиот рис (Balkan Lynx Recovery Programme) со желба да ја доближи убавината и реткоста на балканскиот рис, но и да се прикаже и долови теренската работа на друштвото.

Досега, благодарение на оваа Програма, МЕД успеа да ја процени популацијата на балканскиот рис на македонска територија, преку ГПС-следење да ги збогати сознанијата за неговиот природен опсег, движењето и исхраната, како и да изгради доверба и партнерства со властите, ловџиите, шумарите и ловочуварите чија улога е подеднакво важна за заштитата на рисот.

Избраните дваесетина фотографии се презентирани на изложбата се дел од најефектните „уловени“ кадри, од кои повеќето се направени со фотозамки – метод што друштвото го користи веќе 18 години. Преку нив може да се види како изгледа „домот“ на балканскиот рис, до каде се протега, зошто е загрозен, како и која е прва фотка од рисот направена од МЕД.

Влезот е слободен.

Поврзани вести