Skip to main content

Семејство од Германија се затру на одмор во Турција

 Мајка и две мали деца починаа, а таткото е на интензивна нега. Кобна судбина снајде едно турско семејство од Хамбург во хотел во Истанбул.

Првично сомнежот бил дека станува збор за труење од расипани полнети школки, популарна улична храна во турската метропола. Но, сега повеќето медиуми пишуваат за нелегални инсектициди што се користат во хотелот во кој биле сместени, објави Дојче Веле.

Оваа теорија е поткрепена и од фактот дека неколку други гости на истиот хотел моментално се на лекување.

Германските медиуми ја пренесуваат изјавата на локален лекар кој наведува дека хотелот е дезинфициран од стеници.

Властите за време на викендот го евакуираа и запечатија  хотелот во населбата Фатих, наведе државната агенција Анадолија. 

Во меѓувреме, приведени се десетина осомничени: во петокот четворица продавачи на улична храна, во саботата уште тројца осомничени, меѓу кои и одговорно лице во хотелот, пекар од околината на хотелот, а денеска уште двајца вработени во хотелот.

Засега е нејасно дали апсењата се поврзани. 

Турските власти првично не дадоа коментар.

Семејството од турско потекло од Хамбург, татко, мајка, шестгодишен син и тригодишна ќерка, пред една недела  допатувало во Истанбул. Во средата, според Анадолија, семејството било примено во болница под сомнение за труење со храна поради гадење и повраќање, но набрзо било отпуштено.

Откако состојбата се влошила, целото семејство во текот на ноќта повторно било пренесено во болница. Набргу двете деца починале, а потоа во петокот починала и мајката. Таткото е сè уште на интензивна нега – нема нови информации за неговата состојба.

Семејството доаѓало на одмор во Турција секоја година

Поврзани вести