
Грција нуди различни дестинации кои одговараат на различни стилови на одмор – без разлика дали патувате со вашето семејство, со партнерот или со пријатели.
Од местата кои ги нудат македонските агенции и кои ни се најдостапни, погледнете што да орберете во зависност од тоа каков одмор сакате
За семејства со деца
Халкидики е вистинскиот избор благодарение на добро уредените плажи со плитка вода, бројните содржини и близината до македонската граница. Особено се издвојуваат одморалиштата како Неос Мармарас, Никити и Торони на Ситонија, Ханиоти, Паљури, Сивири, Фурка и Пефкохори на Касандра, Неа Рода и Јерисос на Атос и многу други мали места.
На јонскиот брег најдобрата опција е Врахос, која нуди мирен одмор, чисто море и многу капацитети за сместување на плажа. Во околината помирни места се и Канали и Амудиа.
Секако, има и бројни острови кои се идеални за семејства со деца, но за нас најблиски се Тасос и Амулијани, кои имаат многу плажи со кристално чиста вода.
За парови
Места кои имаат и одлични плажи, но и многу места за разгледување, ноќно шетање и многу таверни се островите како Кефалонија и Скијатос, кои се супер избор за двојки без деца. Убав избор се и Лефкада, Крф и Тасос, а доколку не сакате острови, Кавала со околината може да ви понуди многу интересни опции.
Од јонскиот брег ги издвојуваме Сивота и Парга, кои покрај убавите градски плажи, нудат и многу можности за еднодневни екскурзии.
На Халкидики, поради својот шармантен и романтичен изглед, убав избор се Афитос и Неа Скиони.
За млади
За оние кои сакаат добро да се забавуваат со своето друштво, Грција има доста острови со богат ноќен живот, барови на плажа и секакви забави. Во македонските агенции за младите најдобар избор се островите како Закинтос, Крф и Иос.
Од поблиските места како место за млади се издвојува Калитеа.
За авантуристи и љубители на природа
Лефкада, Скопелос, Скијатос и Пелопонез се идеални за оние кои сакаат да избегаат од гужвите, да уживаат во недопрена природа и автентичен амбиент вреден за истражување
Најповолни места
Ако буџетот е важен фактор за вас, олимпискиот регион со места како Лептокарија, Паралија, Платамона и Неи Пори нуди најдобра вредност за парите.
Овие места се лесно достапни со автомобил или автобус, нудат голем избор на приватно сместување и пристапни аранжмани, а плажите се пространи и погодни за сите генерации.
Исто, поволни места за одмор се и Олимпијада, Ставрос и Врасна.