Skip to main content

Споменикот на Незнајниот војник во Атина – симбол на вечна почит кон сопствените жртви

edgar-serrano-on-unsplash

Нешто помалку од еден век, во срцето на грчката метропола, на плоштадот Синтагма, веднаш пред Парламентот е споменикот на Незнајниот војник, симболичниот празен гроб во знак на почит за хероите кои загинаа за татковината, но никогаш не биле идентификувани, споменик што е една од главните туристички атракции во Грција, споменик што го чуваат припадниците на претседателската гарда т.н. Евзони, но и споменик што во изминатиот период стана актуелен на политичко ниво во Грција, известува дописничката на МИА од Атина.

Владиниот амандман за заштита на споменикот со кој се забранува одржување јавни собири, окупирање и промена на изгледот на просторот и беше изгласан пред десет дена го постави споменикот во фокусот на грчката јавност, но и го подели мислењето на граѓаните во однос на тоа колку е правилна или не конкретната законска одредба.

Оваа поделеност беше отсликана во истражувањето јавното мислење спроведено од агенцијата „Pulse“ за грчката телевизија „Скај“, но и граѓаните со кои поразговара дописничката на МИА од Атина исто така имаат поделени ставови.

Во анкетата 46 отсто од испитаниците одговориле дека веројатно се согласуваат или сигурно се согласуваат со владиниот амандман, а 44 проценти рекле дека веројатно/ сигурно не се согласуваа.

Изграден во 1932 година во чест на неидентификуваните загинати херои

Идејата и одлуката за изградба на споменикот е на диктаторот Теодорос Пангалос, следејќи го трендот во многу европски земји за подигање споменик во чест на неидентификуваните војници кои загинале и во 1926 година бил објавен уметнички конкурс на кој било избран архитектот Емануил Лазаридис.

По повеќе години дебати и несогласувања околу локацијата и уметничка изведба, со оглед на тоа што тогашниот премиер на Грција Елефтериос Венизелос сметал дека кенотафот треба да има централно место и најдобрата локација е денешниот плоштад Синтагма, во 1930 година, скулпторот Фокион Рок го изработил релјефот на паднатиот војник, кој лежи на грбот со штит и шлем, симболизирајќи спокој, чест и достоинство.

За потребите на изградбата била извршена обемна ископина, а ридестиот терен пред палатата (сегашниот објект на Парламентот) бил израмнет.

Две години подоцна, на 25 март 1932 година, споменикот бил свечено и официјално отворен во присуство на голем број странски делегации, а почесната стража на споменикот ја презел специјален воен одред од претседателската гарда, кој потоа бил преименуван во гарда на Споменикот на Незнајниот војник.

Во 1935 година, со враќањето на кралот Георгиос Втори, воениот одред бил наречен Кралска гарда, а од 1973 година официјално го носи името Претседателска гарда и има задача постојано, 24 часа дневно, да го чува споменикот во чест и почит кон непознатиот војник.

Од двете страни на споменикот се врежани имиња на местата каде што се воделе клучни битки од грчката историја, како и цитати од старогрчкиот историчар и војсководец Тукидид.

На едната страна се битките од Првата балканска војна, во центарот на споменикот се битките од Втората балканска војна и грчко-турската војна, на другата се Првата светска војна и операциите на грчката армија во Русија.

По ослободувањето во 1944 година беа додадени бојните полиња од Втората светска војна, а подоцна и операциите во Кореја, во 1994 година со одлука на грчкиот Парламент, беше додадено и името „Кипар“, а пред десет години, по предлог на Генералштабот на морнарицата и соодветна одлука на Советот на началниците на Генералштабовите и Министерството за култура, образование и верски прашања, беа додадени зборовите „Егејско“, „Јонско“, „Медитеран“ и „Атлантик“ како знак на благодарност кон непознатиот грчки морнар кој животот го загубил во војна.

За време на националните празници или пак при официјални посети на шефови на држави и влади, пред споменикот на Незнајниот војник се полагаат венци во знак на почит.

Споменикот, деноноќно симболично го чуваат на Евзоните од претседателската гарда, елитните војници облечени во традиционални униформи, кои на секој час, во строго синхронизиран ритам го изведуваат впечатливиот церемонијален чекор, што привлекува стотици туристи и локални жители.

Грција преку два карантини стигна до вакцината и веќе десет месеци е во „војна со невидливиот непријател“,  паралелно во одредени периоди од минатата година требаше да управува и со тензиите

Импровизираниот споменик во чест на загинатите во железничката несреќа кај Темпи

Во изминатите осум месеци, туристите ги привлекува уште еден споменик, но импровизиран, што се наоѓа на само неколку чекори од кенотафот, а е посветен на жртвите во железничката несреќа од февруари 2023 година.

Имињата на сите 57 загинати, по големиот протест на 28 февруари на двегодишнината од несреќата, беа испишани со црвена боја и заедно со свеќи, цвеќиња и разни предмети, немо сведочат за една од најголемите трагедии во Грција.

Зад импровизираниот споменик стои групата млади активисти под името „До крај“, оние кои секојдневно му даваа поддршка на Панос Руци, татко на еден од загинатите во несреќата, додека 23 дена штрајкуваше со глад.

Просторот е уреден и заграден со саксии со цвеќиња, но и информативна табла на грчки и англиски јазик преку која во текстот со наслов „Нашата приказна: од криминалот во Темпи до ноќта на отпорот“, основачите објаснуваат кои се, како започнаа, но и кои се нивните барања.

Туристи застануваат го читаат натписот и немо им оддаваат почит на жртвите.

За време на штрајкот со глад на Руци, секојдневно се собираа и граѓани за да му изразат солидарност, а во поширокиот простор беа поставени шатори, нешто што наиде и на критики и на одобрувања во јавноста, но и се отвори дискусија дали можеби ваквите активности би требало да се на конкретната локација или пак би требало да се префрлат од другата страна на улицата на плоштадот Синтагма.

Имаше коментари дека солидарноста е пред и над сè, дека болката на таткото е и колективна болка, но и дека целата слика со поставените шатори фрла црна дамка на споменикот на Незнајниот војник.

Забранети собири и протести кај споменикот на Незнајниот војник

Две седмици по завршувањето на штрајкот со глад на Руци, грчката Влада донесе амандман во Парламентот за заштита на споменикот и забрана за одржување јавни собири, окупирање и промена на изгледот на просторот и предвидена е затворска казна до една година или парична казна доколку се прекрши забраната.

Амандманот предизвика реакции од опозициските партии кои од Владата побараа да го повлече, но сепак беше изгласан од сите 156 пратеници од владејачката Нова демократија и тројца од независните пратеници.

Според амандманот, Министерството за национална одбрана презема сите потребни мерки за одржување, грижа и промоција на Споменикот на Незнајниот војник, додека пак грчката полиција е одговорна за одржување на јавниот ред.

Се согласувам со амандманот, но сметам дека требаше да се донесе многу порано и кога велам многу порано, мислам на 15-20 години претходно, вели повозрасна Гркинка.

Млад Грк пак, за МИА коментира дека е „јасно како ден дека амандманот е намерно донесен поради штрајкот со глад на Руци“, додавајќи дека „Владата никогаш не се солидаризираше со болката на таткото кој го загуби својот син“.

Споменикот на Незнајниот војник – нем сведок на инцидентите за време на протестите во Атина

Споменикот на Незнајниот војник во изминатите години, „беше сведок“ на низа инциденти за време на протестите поради различни теми, кои беа особено чести, но и насилни за време на економската криза, но и за време на демонстрациите против Договорот од Преспа.

За време на протестите во Атина, доста често маскирани лица фрлаат молотови коктели, пиротехнички средства, шишиња, мермер, камења и разни предмети и полицијата одговара со солзавец и шок бомби, а неретко ова се случуваше токму кај споменикот, како што сведочат и фотографиите од архивата на МИА од изминатите години.

Во минатото имало случаи и кога демонстрантите успевале преку скалите токму над гробот да стигнат и до влезот на Парламентот, но и случаи кога од молотовите коктели биле запалени и куќарките на Евзоните.

Со новиот амандман, според најавите се очекува во иднина ваквите слики да не се повторат. 

Поврзани вести