
Оригинални корсети на Мадона и Витни Хјустон, невообичаени сценски чизми на Елтон Џон и инструменти на „Блек Сабат“ и други познати музичари се изложени во таканаречениот „музеј“ во рамки на новото „Хардрок-кафе“ во Белград што се најавува како идното место за средба на обожавателите со нивните музички идоли од светската сцена.
Во „малиот музеј“ на Плоштадот на Републиката, како што пишува „Политика“, чие отворање е најавено за неколку месеци, ќе бидат изложени 52 лични предмети на ѕвездите од светската музичка сцена. Меѓу изложените предмети се и тапани на Џои Крамер од „Аеросмит“, како и гитари на Гилби Кларк од „Ганс ен Роузес“ и Дејв Марија од бендот „Ајрон мејден“, предвесник на британскиот хеви-метал, како што вели Александар Ерцеговчевиќ.
– Исто така, има предмети поврзани со добротворната работа на музичарите. Преку примерите на Боно, водачот на составот „Ју-ту“, и Бон Џови, чија гитара е изложена, се истакнува врската меѓу музиката и општествената одговорност, што се совпаѓа и со хуманитарната работа на хард рок бендот – додаде угостителот.
Според Ерцеговчевиќ, костимот на Витни Хјустон е симбол на „златната ера“ на поп-музиката и нејзиното влијание, додека костимот на Жан Пол Готје дизајниран за Мадона е едно од најпрепознатливите парчиња во историјата на поп-културата. А пак, белиот комбинезон на Чед Смит од „Ред хот чили пеперс“, со длабоко засечени ракави за маневри на сцената, е дел од идентитетот на еден од највлијателните фанк-рок-бендови.
Натаму, сребрено-белите чизми на Елтон Џон се пример за гламурозната, спектакуларна рок-сцена чиј водечки уметник настапувал во Белград. И предметите на Витни Хјустон потсетуваат на една од најголемите вокалистки на 21 век и нејзиниот последен концерт, одржан во Белград во 2011 година.
– Овие експонати го покажуваат развојот на рок, поп и алтернативна култура низ децениите, поврзувајќи ја светската музика со локалниот контекст и затоа, тие имаат место на динамичната сцена на Белград – рече Ерик Мартино, претседател на компанијата „К анд РД Хардрок интернејшанл“ (K&RD Hard Rock International), којашто поседува повеќе од 88.000 предмети од музичката историја од целиот свет, по повод презентацијата на мала изложба за идно рок-кафе.
Инаку, првото „Рок-кафе“ е отворено во Лондон, Англија, 1971 година, кога Американците Ајзек Тигрет и Питер Мортон отвориле кафуле коешто брзо станало собиралиште на музичари. Клучниот миг се случил во 1979. кога Ерик Клептон ја подарил својата гитара за да биде изложена над неговото омилено место во кафулето. Наскоро, и гитарата на Пит Таунсенд од групата „Ху“ го сторил истото, почнувајќи ја традицијата што прерасна во денешната светска колекција на познати инструменти и предмети

Македонски


