
Бројни културни, музички и спортски настани ќе се одржат во Струга преку програмата „Лето во Струга“ што од денеска ќе почне со фестивалот на стилизирани песни и ора „Кенге Јехо“.
Од 14 до 20 јули ќе се одржи фестивалска недела „Струга фест“, на 19 пливачки маратон, а на 27 Ден на дијаспората. На 2 август ќе се одржи традиционалниот спортски фестивал „Илинден“, а од 6 до 9 филмскиот фестивал „Дрим шорт“. Од 5 до 10 август се одржува и фестивалот „Езерски бисери“, додека терминот од 12 до 15 август е резервиран за меѓународниот Ракометен турнир. Од 26 до 30 истиот месец Струга ќе биде домаќин на Шаховско првенство, а програата ќе заврши со уметнички симпозиум од 29 август до 3 септември.
Најзначајните манифестации што ќе се одржат во текот на јули и август, според градоначалникот Менди Ќура, се обединети на едно место, со цел локалните жители, туристите и иселениците навремено да се информираат и да бидат дел од богатата летна програма.
– За првпат, Општина Струга подготви целосен летен календар со настани што ќе се одржуваат од денес до 30 август. Ова е јасен показател за нашата заложба, Струга да стане град што живее со културата и спортот, нудејќи содржини за сите генерации – концерти, ликовни изложби, фестивали, спортски турнири и рекреативни активности, вели Ќура.
Годинава, нагласи, Општината го зголемила буџетот за културата и спортот, бидејќи, како што рече, веруваме дека вложувањето во нив е вложување во идентитетот, енергијата и иднината на нашиот град.
– Ова е само почеток. Нашата цел е Струга да биде препознатлива не само по своите природни убавини, туку и како град што живее со културата, спортот и настаните кои ги обединуваат луѓето. Ги покануваме сите да бидат дел од летните случувања и заедно да создадеме уште едно незаборавно лето во Струга, изјави Ќура.

Македонски



