
„На годинашниот Меѓународен ден на играта, под мотото „Избери игра – секој ден“, УНИЦЕФ ѝ се приклучува на светската заедница во прославата на трансформативната моќ на играта во животот на секое дете.
„Играта не е луксуз – таа е право од суштинска важност за доживотното учење, здравјето и градењето отпорност.
„Од најраните денови во животот, детскиот развој започнува токму преку игра. Кај бебињата и малите деца, игривите интеракции го поттикнуваат развојот на мозокот и помагаат во градење сигурни емоционални врски. Кај децата од предучилишна возраст, играта нуди можност да ги истражат своите способности, да ја негуваат љубопитноста, да градат самодоверба и да постават темели за доживотно учење.
„За ранливите деца, играта е од суштинска важност за да почувствуваат вклученост и да ги изразат тешките емоции, а со тоа да отворат пат кон поврзување и исцелување. А кога родителите влегуваат во интеракција со децата преку игра, го јакнат своето ментално здравје и ја зајакнуваат врската родител-дете.
„Но, и покрај придобивките од играта во детскиот развој, учењето преку игра недоволно се цени.
„Достапните податоци покажуваат дека во Македонија 57.2% од мајките и само 5.4% од татковците се вклучени во активности на учење преку игра со своите деца на возраст од 3–4 години. Активностите опфаќаат читање книги, раскажување приказни, пеење песни, излегување надвор со детето, играње со детето, именување на нештата, броење или цртање заедно.
„Оваа несразмерност укажува на итна потреба да им се помогне на родителите и старателите – особено на татковците –со знаење/вештини и поддршка за вклучување во раниот детски развој преку игра.
„Програмите за родители кои промовираат учење преку игра и позитивно родителство не се само корисни – тие се суштински за спречување штетни практики. Ова е особено важно за Македонија, каде што 73% од децата на возраст од 1 до 14 години се изложени на физичко казнување и психолошка агресија од страна на родителите и старателите.
„Дополнителен недостаток е ограничениот пристап до организирано учење преку игра– помалку од половина од децата на возраст од 3 до 5 години посетуваат предучилишнo образование. Проширувањето на пристапот до предучилишно образование е клучно, а инвестирањето во квалитетни родителски програми го зајакнува раното учење преку поддршка на игривите интеракции дома.
„Родителството во кое свесно се користи играта за поврзување, учење и развој на детето не е само семејна работа – тоа е општествена инвестиција.
„За секое дете да го ужива своето право на игра, а истовремено да се унапредат пошироките детски права и развој, владите, бизнисите и заедниците треба:
- Да понудат повеќе програми за родители што промовираат игра, безбедна приврзаност и позитивно родителство, вклучувајќи програми што се спроведуваат преку патронажните сестри, во училиштата и преку други услуги базирани во заедницата.
- Да овозможат пристап до предучилишно образование и учење преку игра за секое дете од 3 до 5 години, така што ниту едно дете нема да биде лишено од еднакви можности за ран детски развој.
- Да промовираат политики и стратегии што се ориентирани кон семејствата: платено родителско отсуство; поддршка за доење; детски додатоци; квалитетни, достапни и прифатливи услуги за деца како што се градинки; и ментална поддршка – за секоја мајка и татко да имаат време, можности и соодветна помош за да обезбедат нега и грижа што ќе го поттикне напредокот и успехот на децата.
- Да инвестираат во безбедни, инклузивни и добро одржувани места за игра и игралишта во сите заедници.
„Да се обезбеди правото на игра значи да се инвестира во средини, односи и услуги што му овозможуваат на секое дете да се развива, да учи и да напредува. Кога создаваме простор за игра, создаваме простор секое дете да расте, да се поврзе – и да гради чувство на припадност.“