Skip to main content

Ќе се виткаат мали посни сарми, Прилеп се подготвува за Свети Никола

Архива Република

Прилеп се подготвува за јубилејната, 20-та прослава на градската слава „Свети Никола“, на 19 декември. Годинашни домаќини се прилепските компании „Матадор“ и „Бимфоод“.

Овој голем христијански празник е длабоко врежан во нашата традиција и претставува симбол на заедништво, вера и почит што нѐ поврзува низ генерациите. Оваа година одбележуваме 20 години од носењето на заедничката одлука и прогласувањето на „Св. Никола“ за Градска слава и заштитник на нашиот град, значаен јубилеј кој ни дава уште поголема причина да се собереме и да празнуваме заедно, рече на денешната прес-конференција прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски.

Прилеп ја враќа и традицијата на виткањето на малите посни сарми со кои во 2009 година влезе во Гинисовата книга на рекорди со приготвени 80 191 посна мала сарма, за секој жител на градот по една.

Во почетокот на идната недела прилепските здруженија на жени ќе ги виткаат малите посни сарми како зацврстување на традицијата и вредностите. Како домаќини ги покануваме сите прилепчани и гости в петок, на 19 декември, напладне на посниот ручек. Во центарот на градот ќе се поделат како „ланч-пакети“ посните јадења- грав, сармички и риба, а ќе им се понуди на сите и пијалак. Чест е да се биде домаќин и да се продолжи традицијата, рече Игор Стефанов, сопственик на компанијата „Матадор“, домаќин на градската слава.

Одбележувањето ќе започне на 19 декември, изутрината од 8 часот со Свечена литургија во храмот „Св. Благовештение“.

Централното чествување продолжува во 12 часот пред параклисот „Св. Никола“ во центарот на градот, каде ќе се изврши водоосветување и прережување на славскиот колач.

На плоштадот „Александрија“ ќе биде организирана традиционалната светиниколска посна трпеза, а празничниот амбиент ќе го збогати настапот на музичката група „Тајфата“ на Камената бина.

Поврзани вести