
Скопје добива нов гурманско-музички празник – „Аеро“ уличниот фестивал се вселува во паркот „Авионче“ од 5 до 8 септември. Четири вечери по ред, срцето на Аеродром ќе пулсира со жива музика, диџеј сетови и мириси од различни кујни.
Влезот е бесплатен, а програмата е испланирана за сите генерации. Секој ден штандовите и бините ќе работат од 17:30 до 00:30.
За урбаниот ритам се грижат домашните бендови „Рингтонс“, „Саутпарк“ и „Брејкдаун бенд“.
На диџеј пултот се ротираат Гоце Саф, Александар Јорданов, Марко, Мицов, Шиме, Моно, Фудимен, Гардијан и Фичо – избор што гарантира микс од фанк, соул, диско, хаус и хип-хоп до доцните часови.
Гастрономската понуда е курирана околу концептот А-Е-Р-О – Американска, Европска, Регионална и Ориентална кујна – за да можете во една вечер да скокате од бургер и рибс до паста и мезе, па да завршите со ориентални деликатеси.