
Со доделувањето на наградите на најуспешните учесници, денес во Јуроп Хаус Скопје официјално заврши второто издание на онлајн, интерактивната игра за човекови права „НАВИГАТОР 2.0“, која преку гејмификација имаше за цел на модерен и пристапен начин да ги едуцира младите за човековите права.
На настанот беа прогласени добитниците на наградите, кои ги остварија најдобрите резултати во текот на играта. Главната награда, вредносен ваучер во износ од 60.000 денари за набавка на електронска и ИТ опрема, ја освои Сања Гашчеовска од Берово, која беше избрана по случаен избор (по пат на ждрепка), од база на околу 5.200 валидни пријави кои го надминаа предизвикот од освојување на 1.000 поени, со што стекнаа право да влезат во финалната трка за главната награда.

Останатите добитници на награди, обезбедени од амбасадите на земјите членки на Европската Унија, беа избрани врз основа на постигнатиот резултат во онлајн играта „НАВИГАТОР 2.0“, по редослед од најнизок кон највисок број на освоени поени.
Топ 14 играчи:

14. Николче Толоманоски – освои курс по шпански јазик во академијата Casta Diva, доделен од Амбасадата на Шпанија.
13. Аница Андревска – освои оригинален литвански кошаркарски дрес со името на Сабонис, доделен од Амбасадата на Литванија.
12. Стојанчо Лембовски – освои Moomins тематски производи и книги за Moomins и финската култура, доделени од Амбасадата на Финска.
11. Кристијан Петровски – освои официјални маскоти од Француските олимписки игри 2024 „The Phryges“, доделени од Амбасадата на Франција.
10. Маринела Трајчевска – освои кошница со традиционални грчки производи, доделена од Амбасадата на Грција.
9. Бојана Алексиевска – освои велосипедска опрема (маици, кациги, катанци и шишиња – Pony Rog), доделена од Амбасадата на Словенија.
8. Сара Каревска – освои кошница со чешки производи, пијалаци и традиционален чешки накит, доделена од Амбасадата на Чешка.
7. Марија Ивановска – освои ИКЕА ваза и асортиман шведски слатки, доделени од Амбасадата на Шведска.
6. Даниела Павловска – освои два повратни авионски билети за Братислава, доделени од Амбасадата на Словачка.
5. Тања Атанасова – освои кошница со автентични хрватски производи, доделена од Амбасадата на Хрватска.
4. Ана Толоманоски – освои Interrail карта за патување со воз низ Европа, обезбедена од Делегацијата на Европската Унија.
3. Ленче Атанасова – освои сет за кафе Bialetti Moka, доделен од Амбасадата на Италија.
2. Тео Свинарски – освои велосипед, доделен од Амбасадата на Кралството Холандија.
1. Стефан Атанасовски-Трајковиќ – освои патување во Франкфурт со посета на Германскиот археолошки институт, доделено од Амбасадата на Германија.
Обраќајќи се на настанот, г-дин Бен Нупнау, вршител на должноста Амбасадор во Делегацијата на Европската Унија, истакна дека „Човековите права се универзални, неделиви и меѓусебно поврзани. Тие го штитат нашето достоинство и го обликуваат начинот на кој живееме заедно секојдневно – без ниту едно од нив да биде ставено над другите. Граѓанските, политичките, економските, социјалните и културните права се суштински, и секое од нив ги зајакнува останатите.“
Годинава, играта беше дополнително унапредена со нови содржини, подобрена интерактивност и со воведување на Портокаловата планета, посветена на темата родово-базирано насилство, во рамки на глобалната кампања “Orange the World”.
Во текот на овогодинешното издание, „НАВИГАТОР 2.0“ забележа значителен интерес и ангажман, при што беа одговорени околу 450.000 прашања, што претставува јасен показател за интересот на младите за учење и информирање за човековите права преку иновативни дигитални алатки. Овој формат придонесува кон јакнење на свеста, критичкото размислување и активното граѓанство кај младите.
Овогодинешното издание на „ НАВИГАТОР 2.0“, Делегацијата на Европската Унија и Јуроп Хаус го реализираа во партнерство со Обединетите нации, Министерството за образование и наука, амбасадите на земјите членки на Европската Унија, а играта беше создадена во соработка создружението за изработка на игри Галактик Омнивор и Македонското здружение на млади правници.
„НАВИГАТОР 2.0“ уште еднаш потврди дека дигиталните и интерактивните формати можат да бидат моќен инструмент за приближување на човековите права до младите и за создавање општество базирано на знаење, еднаквост и почитување на основните слободи.

Македонски






