
Унијата на млади претприемачи на Македонија – „Phoenix Rising“ организира регионален настан за поврзување на млади претприемачи од земјава и регионот „Your Network is Your Net Worth“.
Како што соопшти Унијата, станува збор за настан кој обединува голем број млади претприемачи од Македонија и од регионот (Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина).
Младите имаат можност за вмрежување, размена на информации и искуства, но и да научат многу практични работи, да учествуваат во интерактивни работилници и игри кои имаат цел да го подобрат нивниот перформанс во бизнисот. Претприемачите остваруваат и директни контакти со инвеститори, медиумски работници, консултанти и предавачи од земјава и регионот. Оваа година „Your Network is Your Net Worth“ е поделен во повеќе делови и присутните ќе имаат можност да учествуваат во различни сесии и да слушнат млади, но веќе докажани и искусни сопственици на бизниси. Тие ќе ја споделат својата приказна за почетокот на бизнисот, развојот, но и секојдневните прилагодувања на новото време и општествено-политичкиот контекст во кој работат, информира организаторот.

По повод настанот, претседателката на Унијата на млади претприемачи, Ивона Трајановска, истакнува дека кога ја формирале Унијата во 2023 имале идеја да создадат платформа/организација „која ќе биде поддршка на домашните млади претприемачи, сопственици на бизниси“.
Почнавме да организираме различни настани, работилници, да се поврзуваме со наши врсници и идејни истомисленици од регионот и Европа. Денеска имаме 107 членови и повеќе од 180 реализирани соработки. Можеби не сме доволно присутни во јавноста и не сите знаат за организацијата, но сме секогаш тука за нашите членки, да ги поддржиме, да ги обучиме, да им дадеме совет и едукација кога станува збор за водење на бизнис, истакнува Трајановска.
Настанот е финансиран од „RECONOMY“ – инклузивна и зелена програма за економски развој на Шведската агенција за меѓународна развојна соработка.