
Астронаутот Џим Лавел, кој во 1970 година безбедно ја врати на Земјата мисијата „Аполо 13“ по експлозија во леталото, почина на 97-годишна возраст.
Од американската вселенска агенција НАСА соопштија дека тој „ја претворил потенцијалната трагедија во успех“ откако обидот за слетување на Месечината беше прекинат поради експлозија додека леталото беше на стотици илјади километри од Земјата. Драматичното враќање на Лавел и двајцата други астронаути во Тихиот Океан го следеа десетици милиони луѓе на телевизија, а тој момент стана еден од најпознатите во историјата на патувањето во вселената.
Лавел, кој беше дел и од мисијата „Аполо 8“, е првиот човек што двапати отпатува до Месечината, но никогаш не слета на неа. Вршителот на должноста директор на НАСА, Шон Дафи, изјави дека Лавел придонел многу за американската вселенска програма.
„Ќе ни недостасува неговиот непоколеблив оптимизам, неговата смисла за хумор и начинот на кој правеше секој од нас да се чувствува како да може да го направи невозможното. Тој беше навистина единствен“, соопшти семејството на Лавел.
Актерот Том Хенкс, кој го глумеше Лавел во филмот „Аполо 13“ од 1995 година, го нарече астронаутот еден од оние луѓе „кои се осмелуваат, кои сонуваат и кои ги водат другите на места каде што не би отишле сами“.