Skip to main content

Педагошкиот факултет е едно од клучните јадра за подготовка на кадри кои ќе ја обликуваат иднината на македонскиот образовен систем

Мал број професии имаат толкаво влијание врз општеството како оние што се посветени на воспитувањето, образованието и развојот на децата. Да се биде воспитувач, наставник или педагог значи да се биде дел од формирањето на личности, од нивните први чекори во учењето па се до откривањето на сопствените потенцијали. Тоа е мисијата на оваа исклучителна професија – а токму Педагошкиот „Св. Климент Охридски“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е местото каде што оваа мисија започнува.

Со долгогодишна традиција, стручност и постојана насоченост кон современите образовни практики, Педагошкиот факултет е едно од клучните јадра за подготовка на кадри кои ќе ја обликуваат иднината на македонскиот образовен систем. Тука се едуцираат идните воспитувачи во предучилишните установи, наставници во основното образование, но и професионалци во областа на библиотекарството – три насоки кои се директно поврзани со првиот и најважен контакт на децата со светот на знаењето.

Наставната програма на Факултетот е внимателно осмислена за да обезбеди рамнотежа меѓу теоретското знаење и практичните вештини. Студентите изучуваат педагогија, психологија, методика, инклузивно образование, развојна и детска психологија, а посебен акцент се става на современи пристапи во наставата и комуникацијата со деца.

Но она што најмногу ги подготвува студентите за реалниот свет е практичната настава – составен дел од образовниот процес.

Факултетот е препознатлив и по стручниот наставен кадар – академски професионалци со искуство, но и со вистинска посветеност кон студентите. Наставниците се достапни и постојано вклучени во образовниот процес – со пристап кој ги поттикнува младите луѓе да се изградат како самоуверени и одговорни идни педагози.

По завршувањето на студиите, дипломците имаат реални можности за вработување во јавни и приватни градинки, основни училишта, културни институции, библиотеки, образовни центри,  граѓански организации, па дури и во медиуми и издавачки куќи поврзани со едукација. Побарувачката за стручни и мотивирани кадри е постојана – особено во раното и основното образование, каде што квалитетот на првите образовни искуства има траен ефект врз секое дете.

„Сметам дека Педагошкиот факултет отвора широки можности за професионален развој и вработување. Образовниот систем постојано има потреба од квалитетни, посветени и добро обучени кадри – особено во градинките и основните училишта, каде што се формираат темелите на детскиот развој. Со иницијативност, љубов кон професијата и со знаењата што ги стекнуваме тука, образовните кадри имаат реални можности за вработување и успешно градење на кариера“, нагласи Радеска.

Но покрај практичните аспекти, она што најмногу ја разликува оваа професија – и овој Факултет – е внатрешната мотивација. Љубовта кон децата, желбата за поддршка, трпението и радоста што доаѓа кога ќе видите како некој мал човек учи, расте и се менува.