
Министерката за образование и наука Весна Јаневска се обрати на отворањето на 7.Балканска олимпијада по физика за средношколци, што од денес до 30 јуни се одржува во Охрид. На олимпијадата учествуваат над 60 ученици од 14 земји од Европа и 3 земји од Азија, со нивните професори-лидери.
Тоа што овие млади олимпијци се денес во Охрид е резултат на нивната љубопитност и љубов кон науката, резултат на многу труд, колку нивен толку и на нивните професори и ментори. Тоа е формулата за градење научен подмладок што веќе утре ќе биде подготвен за откритија што ќе му помогнат на човештвото. Продолжете со посветеноста кон физиката затоа што нема напредок без наука“, рече министерката Јаневска.
Посочи дека Министерство за образование и наука од оваа година дополнително ја зголеми поддршката за талентирани ученици кои учествуваат на меѓународни натпревари. Согласно новиот Закон за средно образование, Министерството ги покрива трошоците за котизација и пат, односно за учество на една од 15-те меѓународни научни олимпијади.

Иднината зависи од тоа колку сега вложуваме во откривање и негување на потенцијалот на најталентираните. И не само за учениците, финансиска поддршка за прв пат е обезбедена и за акредитираните здруженија на наставници кои организираат меѓународни олимпијади за средношколци во Македонија“, нагласи министерката Јаневска.
Натпреварот е во организација на Друштвото на физичарите на Македонија, под покровителство на Балканскиот сојуз на физика, со поддршка од Европското физичко друштво, Природно-математичкиот факултет во Скопје и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Дел од финансиските средства за организација на олимпијадата ги обезбеди Министерството за образование и наука.