Skip to main content

Обединување на традициите и европските образовни можности во Лозово: Успешно реализирана работна сесија „Секој слушна за Еразмус+“ и регионален базар

Денес во Општина Лозово се одржа регионален настан кој на уникатен начин ги спои занаетчиството и европската образовна агенда. Настанот, организиран од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Општина Лозово и Здружението на жени од Лозово, во соработка со здруженијата на жени од Велес, Свети Николе и Градско, послужи како работна платформа за едукација и вмрежување на занаетчиите и граѓанските здруженија од целиот регион.

На регионалниот базар земаа учество голем број изложувачи од Лозово, Велес, Свети Николе и Градско, со поддршка и присуство на гости од Штип. Посетителите имаа можност да ги разгледаат богатите штандови на кои беа претставени рачно изработени везови, традиционални ракотворби и богата понуда на автентична локална гастрономија. Овие изработки беа вистински приказ на мајсторството што се негува во нашите средини.

Настанот беше поделен на два сегменти: интензивен работен дел и регионален базар. Во рамките на работниот дел, претставници на Националната агенција одржаа сесија за градење капацитети, каде занаетчиите и претставничките на женските здруженија се стекнаа со конкретно методолошко знаење за тоа како нивните автентични вештини можат да бидат интегрирани во проекти финансирани од Еразмус+. Примери на добра практика дадоа ДСУ „Искра“ од Штип и здружението „Тера Фитон Анимал“, покажувајќи како теоријата се претвора во успешни проекти кои го унапредуваат локалниот развој.

Градоначалникот на Општина Лозово, г-дин Бошко Цветковски, ја истакна важноста на оваа синергија, нагласувајќи дека овој настан е работна платформа преку која локалните вредни раце и занаетчии се вклучуваат во европските образовни текови. Заедно со локалните партнери и соработниците од регионот, Лозово докажува дека прераснува во стратешки центар каде традицијата се надоградува со современи европски стандарди.

Директорката на Националната агенција, г-ѓа Ана Михајлов, во своето обраќање посочи дека европските ресурси треба да станат достапни алатки за секого – од ученикот до искусниот занаетчија. Таа ги охрабри присутните здруженија да продолжат со меѓусебната соработка, истакнувајќи дека токму ваквите регионални мрежи се клучен предуслов за успешна реализација на проекти во рамките на Еразмус+ програмата. Националната агенција останува посветена на пренос на знаење и поддршка на локалните капацитети за активно учество во европските образовни иницијативи.

„Целта на овој базар е жените од Овчеполскиот Регион да го покажат своето култутно богатство, да ги демонстрираат производите што нивните мајки, баби, прабаби ги правеле, од кулинарските вештини до занаетчиските производи“, рече Марија Моневска, претседателка на Здружението на жени од Лозово

Настанот заврши со пригодна културно-уметничка програма, која беше одлична прилика за директно вмрежување, споделување искуства и планирање на идни заеднички активности помеѓу здруженијата од Лозово, Велес, Свети Николе, Градско и Штип.

Поврзани вести