
Објавени се најпопуларните имиња за бебиња родени во Англија и Велс во 2024 година, при што Мухамед е најпопуларното име за момчињата веќе втора година по ред, додека Ноа и Оливер го зазедоа второто и третото место, исто како и во 2023 година.
Според BBC, Оливија и Амелија ги зазедоа првите две места за девојчиња трета година по ред, додека Исла падна од третото место и беше заменета со Лили.
Листата ја објави Канцеларијата за национална статистика (ONS), која ја составува листата врз основа на податоци од матичните книги на родени.
Нови имиња
Нови имиња кои влегоа во првите 100 за девојчиња се Елоиз, Нора, Мила, Роза, Атена, Сара и Зои. Нови имиња за момчиња се Остин, Нејтан, Вини и Јахја.
Мухамед го задржа првото место како најпопуларно име за момчиња, со 5.721 бебе кои го добиле ова име. Тоа беше најпопуларното име во пет од деветте региони на Англија, додека во Велс се најде на 57-мо место.
Други варијации на името, исто така, се најдоа на листата: Мохамед се најде на 21-во место со 1.760 момчиња со тоа име, а Мохамад на 53-то место со 986.
Околу 2,61 милиони девојчиња во Англија и Велс го добија името Оливија, што е број еден во седум англиски региони и Велс.
„Родителите сакаат поуникатни имиња“
Си-Џеј Страм, експертка за бебиња и авторка на Baby Name Envy, рече дека не е изненадена што Оливија се вратила на првото место, но е „малку разочарана“.
„Тоа е име што сите го сакаат – во 90-тите беше Луиз, во 80-тите беше Сара“, продолжи Страм. „Оливија е одличен избор како безвременско име, но сега се раѓаат помалку девојчиња со тоа име. Луѓето бараат поуникатни имиња“.
Таа рече дека „традиционалните омилени“ секогаш се на листата, но под нив се имињата под влијание на поп-културата. Примери се Марго, по холивудската актерка Марго Роби, и Отис, лик од популарната серија на Netflix, Sex Education.
„Родителите црпат инспирација од светот околу нив и ги следат своите интереси“, објасни Страм. Но, кога станува збор за имињата на момчињата, таа рече дека британските родители претпочитаат „потрадиционални имиња“ во обид да им дадат добар почеток во нивната кариера.
Таа додаде дека имињата што биле популарни пред повеќе од сто години се враќаат. „Артур сега е во првите 10 имиња – пред 15 години тоа не би било случај“.
Ова е она што Клер Грин, исто така експертка за имиња, го нарекува правило од 100 години.
„Ги избираме имињата така што се доволно стари за да не бидат имиња на баби и дедовци, туку на нивните генерации пред нив – тие се надвор од живо сеќавање и се дел од љубовта кон винтиџ стилот“, рече таа. Поради ова, би можеле да видиме враќање на имиња како Сузан или Роџер во следните генерации, додаде таа.
Имињата поврзани со природата, исто така, се истакнати на листата на најпопуларни имиња, а Лили, Попи и Ајви се меѓу првите 10. Грин рече дека ваквите имиња се „безвременски“ и со години се меѓу првите 100.
Имињата за момчиња кои биле употребени помалку од пет пати во 2024 година ги вклучуваат Осом, Катберт, Криспин и Бекам. Имињата за девојчиња со помалку од пет употреби се Сицилија, Еверест, Орхид и Поем, заклучува BBC.