Skip to main content

Стотици луѓе се простуваат од Џорџо Армани во Милано

Стотици луѓе од рано изутрина чекаат во редици пред просторот на Џорџо Армани во улицата Бергњоне во Милано за да му оддадат последна почит на легендарниот италијански моден креатор, каде е поставена комеморативна капела отворена од девет часот, пренесува АНСА.

Два реда се формирани за влез: еден за вработените во компанијата „Армани“, а друг за граѓаните. Меѓу првите што пристигнаа беа градоначалникот на Милано, Бепе Сала, претседателот на компанијата „Стелантис“, Џон Елкан, со сопругата Лавинија, претседателот на Кошаркашката федерација, Џани Петручи, и тренерот на Олимпија, Џани Месина.

Италијанскиот моден дизајнер Џорџо Армани почина на 4 септември на 92-годишна возраст, соопшти групата „Армани“. „Со огромна тага, групата ‘Армани’ ја објавува смртта на својот творец, основач и неуморна движечка сила, Џорџо Армани“, се вели во соопштението на модната куќа.

Познат како „Кралот Џорџо“, Армани беше синоним за модерен италијански стил и елеганција. Тој го комбинираше својот дизајнерски талент со бизнис-острина, водејќи компанија со годишен промет од околу 2,3 милијарди евра. Веќе извесно време имаше здравствени проблеми, поради што во јуни по првпат ја пропушти машката модна ревија на Неделата на модата во Милано.