Skip to main content

Почнува 9. Фестивал „Богородичен покров“, на програмата 11 духовни филмови

Со проекција на рускиот документарен филм „Трновиот венец“, во кој се прикажува историјата на Трновиот венец на Спасителот, вечер во 21 часот, ќе биде отворен 9. Меѓународeн филмски фестивал за културни, духовни и хумани вредности „Богородичен Покров“, што ќе се одржува онлајн на You Tube до 7 декември.

Во тек на фестивалот ќе бидат прикажани 11 филмови посветени на културното, духовно наследство и хуманоста, како и историски и биографски, вели за МИА Зорица Костоска, основач и директор на Фестивалот.

Костоска истакнува дека мисијата на Фестивалот е да ги негува и шири духовните вредности и да се едуцираат младите генерации во насока на духовност, љубов, добрина и хумани вредности. Се одржува со благослов на архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

Во филмот со кој се отвора фестивалот се раскажува за историјатот на Трновиот венец на Спасителот, една од општохристијанските светињи поврзани со историјата на Страдањата Господови, каква е оваа светиња и која е нејзината историја. Автор и водител е митрополит Иларион (Алфеев). Филмот, во времетраење од 26 минути, е во продукција на Добротворен фонд „Познание“. Режијата е на Мариа Вилкасте, a продуцент e Дмитриј Менделеев.

На првата фестивалска вечер во 21.30 минути ќе има проекција и  „Утрински камбани“, српски документарец, во кој тогашниот архимандрит Алексеј, а сега епископ Хвостански на СПЦ, говори за пророштвото на о.Тадеј за манастирот „Св. апостол Лука“ во Бошњане.

Според пророштвото на отец Тадеј, во манастирот „Св. апостол Лука“ во Бошњане, по 20 години, пристигнува царската руска камбана тешка 15 тони, донација од православни браќа Руси. Во филмот се и мудрите поуки на епископ Хвостански, дека прво треба да се грижиме за своите души, зашто душата е поважна од телото…. Сценариото и режијата се на Дејан Вученовиќ. Филмот, во продукција на Прва ТВ трае 32.15 минути.

Единаесетте филмови што се на фестивалската програма се обезбедени со поддршка на Неофит продукција и Добротворен фонд Познание од Русија, од Vision продукција од САД, Прва ТВ од Србија, Coolture продукција од Србија, Trinitas TV од Романија, Vistafilm од Чешка Република и ТВ Канал 5 од Македoнија.

Интернационална премиера на Фестивалот ќе имаат „Утрински камбани” од Србија и чешкиот филм „Štreit: Фотографирам, значи постојам”. Генерални покровители на Фестивалот традиционално се Амбасадата на Руската Федерација во Скопје, а годинава и на митрополитот Иларион /Алфеев / со два негови филма и Европскиот Универзитет од Скопје, кој секоја година доделува бесплатно школување – четиригодишна стипендија за највредниот волонтер на Фестивалот, вели Костоска.

Утре ќе бидe прикажан американскиот документарен филм „ПЛАШТАНИЦАТА- Лице в лице“, во сценарија и режија на Роберт Орландо. Ненадејната смрт на таткото на сценаристот и режисер на овој филм Орландо, поттикнала многу прашања кои барале одговори. Тој го почнува големото истражување за барање на вистината за Плаштаницата, а со тоа и на смислата на животот. Со таа цел, тој патува и снима во Калифорнија, Њу Џерси, Колорадо, Вирџинија, Тексас, Италија, Израил. Одговорите од тие патувања се во овој филм на Vision продукција, а трае 74 минути.

На 2 декември на програмата се премиерата на „Божикни празници и обичаи“, со почеток во 21 часот и „Велигден во Хиландар“ во 21.35 часот, српски документарци од ТВ серијалот „Приказни од Атос”, а на 3 декември (21.00) „Свети Никола – Лицето на благоста“, романски документарен филм.

Рускиот документарец „Ризата на Богородица“  е на програмата на 4 декември во 21 часот, како и српскиот „За нашиот доктор, а писател“. На 5 декември ќе биде прикажан чешкиот документарен филм „ŠTREIT: Фотографирам, значи постојам“, а на 6 декември рускиот „Сакам да бидам светец“.

Затворањето на Фестивалот е на 7 декември, во 21 часот со македонскиот документарен филм од архивата на ТВ Канал 5 „Историјата на Црквата на Св.великомаченик Димитриј“ во Скопје. Филмот е во програмата на Фестивалот во спомен и чест, по повод 118 години од раѓањето на првиот поглавар на возобновената МПЦ-ОА, г.г. Доситеј на 7 Декември 1906 година во село Маврово, во кој се прикажува неговото востоличување за архиепископ Охридски и Македонски на 5 октомври 1958 година во храмот „Света Софија“ во Охрид.

Фестивалот е основан во 2016. година и досега е поддржан од 12 амбасади во државава и бројни стопански субјекти. Почесен претседател на Фестивалот е проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски, професор на Богословски Факултет „Св.Климент Охридски“ во Скопје, автор на многу трудови од доменот на богословските науки и поранешен амбасадор на Македонија во Светата Столица, Ватикан.

Основачи на Фестивалот се покојниот Коле Јовановски, монтажер во МРТ и режисер , наградуван за бројни филмови, посебно за историјата на Македонија и МПЦ-ОА и Зорица Костовска, основач и директор на Фестивалот, поранешен помошник генерален директор на МРТ, 10 – годишен член на Меѓународната Академија на Телевизиски Науки и Уметности во Њујорк – Еmmy Awards, ТВ и филмски продуцент, дипл. дипломат и дипл. теолог.

Медиумски покровители се МИА, Канал 5 ТВ, МТВ, Сител ТВ, ТВ Сонце, Алфа ТВ, Вечер, Нова Македонија, Премин Портал.

Организацијата е на Топ Ворлд ТВ продукција од Скопје, која е основана во 1994 година, а чија определба е да негува општествено доброполезни проекти за народот.