Skip to main content

Исчезнуваат обичаите за Василица во Кумановско

Архива / Палење на маските по завршување на Вевчанскиот карневал

Исчезнуваат обичаите поврзани со празникот Василица во Кумановско, велат етнолозите од Кумановскиот музеј. Дел од обичаите кои беа карактеристични за овој крај, целосно исчезнаа, но етнолозите од Кумановскиот музеј ги документираат со фотографии и видеозаписи за да се зачуваат од заборав.

Различни обичаи имало во кумановските села, во не толку далечно минато.

Василица спаѓа во еден од најзначајните празници во циклусот на зимски празници. Изобилува со многубројни обичаи, обреди, гатање со цел да се постигне среќа и здравје на семејството, добар посев и здравје на стока и живина. При истражувањето за село Орашац наидов на ритуална игра, т.н „џамала“. За жал,оваа игра сега е во изумирање. Маските ги подготвуваа месец дена порано, во играта учествуваа зет невеста, баба, старец. Беа изработувани маски од овча кожа, лицето го црнеа, пееја џамаларски песни, изведуваа разни ритуални игри, а домаќинот ги даруваше со брашно, ракија, овошје. Откако ќе завршеше овој обред, пред самиот крај на денот се собираа пари од коишто се правеше гозба или пак купуваа икона за манастирот „Свети Илија“. Навистина ми е жал што овој обичај кај нас е исчезнат, но јас имав среќа да го забележам со камера и тој остана во нашата архива, во нашиот музеј, изјави кустос-советник Анита Стојчевски од НУ Музеј Куманово.

Свети Василиј се прославува и како домашна слава, а во голем број семејства во Кумановско се подготвуваат јадења во кои главна состојка е пченкарно брашно. Традиционалното јадење кое се подготвува секоја година е качамакот од пченкарно брашно кој се служел со сланина и сирење, надополнето со расолница и домашно црвено вино.

Етнологијата и фолклорот се едни од најзначајните аспекти во начинот на истражување на нашето богато културно наследство и реактивирање на минатото и начинот на којшто духовно се изведувале сите овие обреди и ритуали во секојдневието и културата на живеењето, појаснува, Стојчевски од НУ Музеј Куманово.

Етнолозите велат дека обичаите за празниците се дел од духовната култура и дел од традиционалното народно творештво.

Поврзани вести