
Дарко Стојанов е првиот пациент кој се лекуваше во странство по страотниот пожар во дискотеката во Кочани кој се врати во Македонија. Тој вчера по враќањето од Белград беше пречекан министрите за здравство и за надворешни работи Арбен Таравари и Тимчо Муцунски, како и од директорот на Клиниката за токсикологија Андон Чибишев.
Денеска Дарко се обрати преку социјалните мрежи и упати голема благодарност за лекарите кои го спасиле, но и за сите оние кои му беа поддршка, сограѓаните.
Драги пријатели, познаници и непознаници.
МИЛИ МОИ УЧЕНИЦИ ПРЕМНОГУ МИ НЕДОСТАСУВАТЕ, НО ЌЕ СЕ ВИДИМЕ НАСКОРО. МОЈ МАКЕДОНСКИ НАРОДЕ ВИ БЛАГОДАРАМ ЗА СОЛИДАРНОСТА, ЕМПАТИЈАТА И ХРАБРОСТА КОЈА ЈА ДОБИВАМ.
Со оваа објава пред се сакам јавно да се заблагодарам за личната поддршка која ја добив од огромен дел од вас. Мојата здравствена состојба е добра и стабилна, а сега следува малку подолг процес на опоравување, додека да бидат санирани сите последици, но ќе бидам добро. Физичките рани и лузните на телото ќе останат, но веќе нема да крварат и нема да болат. Благодарение на Бога јас бев еден од посреќните кој што се спаси таа траорна ноќ. Но, огромен дел за жал ја немаа таа среќа. Болката да се изгуби некој во тој пекол ја почувствував и јас. Тоа е рана која никогаш нема да зарасне, Раната на душата кој ќе крвари во мене до крајот на мојот живот.
Благодарам на сите институции кои беа вклучени во организирањето и реализацијата за лечење во СРБИЈА и останатите земји. Доколку не се случеше тоа, не знам дали сега ќе го пишував ова. Благодарение на целиот медицински персонал во нашата држава, бидејќи тоа се вистинските херои. Се надевам дека што поскоро ќе го сфатиме тоа како држава и дека тие ќе бидат наградени соодветно за се што прават. Се надевам дека ови херои што побрзо ќе добијат се што заслужуваат. Дишам благодарение на брзата реакција на медицинскиот персонал во КАРИЛ.
Не постојат зборови со кои можам да се заблагодарам на целиот персонал од на Klinički centar Srbije. Моите деца сеуште имаат татко благодарение на докторите, и НЕВЕРОЈАТНИТЕ МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ И ТЕХНИЧАРИ од клиниката. Тоа беа моите ангели чувари. БЛАГОДАРАМ СРПСКИ НАРОДЕ!
Посакувам што побрзо закрепнуваење на сите кои се повредени и што побрзо да ги гушнат своите сакани. И се надевам дека оваа траорна трагедија ќе не обедини како народ и ќе ни ги отвори очите како луѓе.
ГУШНЕТЕ ГИ НАЈБЛИСКИТЕ, ФАМИЛИЈАТА, ПРИЈАТЕЛИТЕ. КАЖЕТЕ ИМ ДЕКА ГИ САКАТЕ. НИКОГАШ НЕ МОЖЕТЕ ДА ЗНАЕТЕ КОГА Е ТОА ЗА ПОСЛЕДЕН ПАТ!, напиша Дарко на Фејсбук.
Според протоколите на Кризниот штаб на Министерството за здравство, формирани по трагедијата во Кочани, секој од пациентите по враќањето во земјава ќе биде набљудуван најмалку 24 часа во една од клиниките во земјава.
Од вкупно 115 пациенти кои се лекуваат во странство, првиот пациент од Белград се врати во вторник. Пациентот ќе биде на Клиниката за токсикологија, а потоа лекарите овде и медицинскиот совет ќе одлучат што понатаму, дали да биде испратен на друга клиника, дали да продолжи со лекување или може да биде пуштен дома. Очекуваме и други пациенти да се вратат во наредните денови. Сакам сите 115 да се вратат живи и здрави во Македонија и да продолжат да живеат нормално, рече Таравари.
Тој додаде дека очекува оваа недела во земјава да се вратат осум до 10 пациенти кои се лекуваат во странство.
Директорот на Клиниката за токсикологија Андон Чибишев изјави дека пациентот кој се вратил од Белград е во целосно подобрена општа клиничка состојба и на Клиниката ќе биде надгледуван неколку часа, а можеби и подолго.