Skip to main content

Дијадемите на белгиските кралици потекнуваат од Конго

Националниот празник на Белгија, што беше одбележан во понеделникот, е еден настаните на кој припадничките на белгиското кралско семејство во јавноста ја покажуваат величествена колекција на дијадеми, кои се дел од семејното наследство и кои ги носеле кралиците и принцезите во минатото. 

На 21 јули 1831 година во Брисел германскиот аристократ, војводата Леополд фон Сакс-Кобург-Гота е крунисан за прв крал на Белгија. Со него почнува историјата на белгиското кралско семејство, но и на кралиците, принцезите и дијадемите. 

По смртта на неговата сопруга, принцезата Шарлот, инаку ќерка на британскиот крал Џорџ Четврти, во 1817 година, Леополд останува вдовец и кога седнува на белгискиот престол тој нема ниту сопруга, ниту деца, а со тоа и потенцијални наследници. За да се надмине овој „недостаток“, 42-годишниот Леополд во 1832 се жени со две децении помладата ќерка на францускиот крал Луј-Филип, принцезата Луиз Д’Орлеан, која станува прва кралица на Белгија. 

Со неа започнува и историјата на кралските дијадеми и останатиот накит, но денес не е зачуван ниту еден примерок од нив. 

Леополд и Луиз имаат четири деца. Најстариот, принцот Луј-Филип умира на возраст од една година, но останатите три деца успеваат да ги надживеат своите родители – војводата Леополд Лудвиг Филип од Брабант, кој и ќе го наследи својот татко на кралскиот престол, грофот Филип од Фландрија и принцезата Шарлот, која ќе стане царица на Мексико. 

По смртта на Леополд, нов белгиски крал станува Леополд Втори, а со тоа Белгија добива и нова кралица, внуката на поранешниот Свет Римски Цар Леополд Втори, надвојвотката Мари Анриет фон Хабсбург. Таа во кралската ризница носи значителен накит, вклучувајќи ја и дијадемата која ја добива на подарок од „белгиската јавност“ по повод сребрената годишнина од нејзината свадба. Но, се чини дека ниту едно парче од овој накит не е зачувано до денес, што многумина во Белгија го сметаат и за „добра работа“, имајќи предвид дека најголем дел од скапоцените камења потекнувале од тогашното Белгиско Конго, за кое се поврзува контроверзното владеење на Леополд Втори проследено со насилство и злоупотреба на возрасни и деца и сурова експлоатација на природните ресурси на земјата. 

Единствениот син на Леополд Втори и Мари Анриет, принцот Леополд Фердинанд умира на деветгодишна возраст во 1869 година. Тие подоцна се обидуваат да добијат нов наследник, но без успех. Иако имаат и три ќерки, тогашното белгиско наследно право предвидувало можност за наследство на тронот само на машките потомци. 

Кога Леополд Втори умира во 1909 година, него го наследува неговиот внук, синот на грофот Филип од Фландрија, принцот Алберт. Нова белгиска кралица станува војвотката Елизабет фон Вителсбах од Баварија, која е внука од брат на австриската царица Елизабета, позната во историјата како Сиси.

Кралицата Елизабет уште со својот чеиз во кралската ризници носи поголем број дијадеми и значително количество на накит од кој некои парчиња и денес ги носат припадничките на белгиското кралско семејство. Од неколкуте дијадеми најзначајни се две – дијамантската дијадема на „Картие“ и дијадемата во Арт Деко стилот, која се уште е во сопственост на кралското семејство. Неа подоцна ќе ја носат и кралиците Паола и Матилда, а денес таа е во „сопственост“ на принцезата Астрид, сестра на актуелниот крал Филип. 

Алберт и Елизабет имаат три деца – принцезата Мари Жозе, која станува кралица на Италија, грофот Шарл од Фландрија и најстариот син и иден крал, војводата Леополд Филип од Брабант. 

Кога Алберт загинува во несреќа при планинарење во 1934 година, војводата од Брабант, станува крал Леополд Трети, кој во тоа време е оженет со внуката на шведскиот крал Оскар Втори, принцезата Астрид Бернадоте. 

Со доаѓањето во кралското семејство принцезата Астрид во Белгија носи значително количество накит. Како свадбени подароци, таа добила бисерна дијадема од граѓаните од Стокхолм и дијамантската дијадема „Девет провинции“ од белгиската Влада. Таа поседувала и дијамантски и смарагдни парчиња накит, од кои некои денес се во сопственост на војводското семејство од Луксембург, затоа што единствената ќерка на Леополд Трети и Астрид, принцезата Жозефин-Шарлот била мажена за поранешниот луксембуршкиот војвода Жан и е мајка на актуелниот владетел Анри. 

Најпознато парче накит на кралицата Астрид – дијамантската дијадема „Девет провинции“, во наредните децении ќе стане препознатливи додаток на белгиските кралици, а денес неа ја носи актуелната кралица Матилда. Кога станува збор за вториот свадбен подарок, бисерната дијадема, таа не е јавно видена со години. 

Но, по само година и половина како белгиска кралица, Астрид загинува во сообраќајна несреќа во Швајцарија во 1935 година.  

За време на Втората светска војна и окупацијата на Белгија, Леополд Трети, кого Германците го држат во домашен притвор, се жени со белгиската благородничка Лилијан Бејлс. Информацијата за преженувањето на кралот се доживува како скандал во Белгија и Лилијан никогаш не ја добила титулата кралица. Но, иако била со „принцеза Лилијан“, таа во јавност секогаш се појавувала облечена по најнова мода и со импресивни парчиња накит од кои поголем дел и припаѓале на покојната кралица Астрид, вклучувајќи ја и дијадемата „Девет провинции“. 

Лилијан, останува запаметена и по тоа што дијамантската дијадема на нејзината свекрва, кралицата Елизабет ја продала на компанијата изработувач „Картие“. Во време на таа трансакција шеф на филијалата на „Картие“ во Лондон е Жан-Жак Картие, сопруг на сестрата на Лилијан. Денес оваа дијадема е изложена меѓу скапоценостите на „Картие“ во лондонскиот музеј „Викторија и Алберт“. 

По абдикацијата на Леополд Трети во 1951 година, нов крал станува неговиот постар син Бодуен. Во тоа време Бодуен е ерген и Белгија ќе биде без кралица се до 1960 година, кога кралот се жени со шпанската аристократка Фабиола де Мора и Арагон. На кралицата Фабиола и е предаден најголемиот дел од накитот во кралската ризница, вклучително и дијадемата „Девет провинции“. Дополнително, како свадбен подарок од тогашниот шпански диктатор Франко таа ја добива „Шпанската дијадема“, а брокерите и златарите од дијамантската индустрија во Антверпен и подаруваат дијадемата со скапоцен камен „Волферс“. Во текот на служењето како белгиска кралица, Фабиола кон кралската ризници придодава повеќе бисерни ѓердани и останат накит со скапоцени камења. 

Бодуен и Фабиола немаат деца, па по ненадејната смрт на кралот од срцев удар во 1993 година, него го наследува неговиот помал брат, принцот Алберт, која станува крал Алберт Втори. Со тоа нова белгиска кралица станува италијанска аристократка, принцезата Паола деи Руфо ди Калабрија. 

Кралицата-вдовица Фабиола на својата јатрва и нова кралица Паола и предава дел од семејниот накит, вклучително и дијадемата „Девет провниции“, но во својата лична колекција задржува значителен дел од скапоценостите, меѓу кои и „Шпанската дијадема“ и дијадемата „Волферс“. Покрај ова, уште претходно, како свадбени подароци од нејзиниот свекор, поранешниот крал Леополд Трети, Паола добива повеќе прачиња накит, меѓу кои и дијадемата во Арт Деко стилот на кралицата Елизабет.  

Инаку, во бракот на Алберт Втори и Паола „не цветаат рози“, па во еден момент дури се и пред одлука за развод, но до него никогаш не доаѓа. Алберт Втори од врската со својата долгогодишна љубовница, баронесата Сибил де Селис Лоншан ја добива вонбрачната ќерка Делфин. Иако, со години тој одбива да ја признае Делфин, сепак со судска одлука и врз основа на извршените тестови таа е призната како ќерка на кралот и ја добива титулата принцеза.  

По абдикацијата на Алберт Втори во 2013 година, на престолот на Белгија седнува неговиот постар син Филип, кој е и актуелен белгиски монарх. Со него Белгија ја добива првата кралица со белгиско потекло во историјата Матилда Д’Удекем Д’Ако. 

При нивното крунисување, кралицата-вдовица Фабиола на Матилда и подарува дел од нејзиниот накит, вклучително и дијадемата „Волферс“. По смртта на Фибиола во 2014 година, Матилда го наследува и преостанатиот дел до нејзиниот накит и скапоцености, но не е познато дали меѓу нив била и „Шпанската дијадема“, па од таму постојат непотврдени информации дека таа повеќе не е дел од белгиската кралска ризница. 

Дополнително од својата свекрва Паола, Матилда ја добива дијадемата „Девет провинции“, со што нејзината колекција на дијадеми значително се зголемува. Својата прва дијадема Матилда ја добива како свадбен подарок во 1999 година од група белгиски аристократи. Станува збор за мултифункционален дијамантски накит, која може да се носи и како дијадема во форма на ловоров венец, но може и да се извади од рамката и да се користи како ѓердан со смарагд и дијаманти. 

На колекцијата белгиски кралски накит, кралицата Матилда ја придодаде и својата дијадема „Брабант“. 

Кралицата Матилда на свечени настани вообичаено се појавува со дијадемите „Девет провинции“ или „Волферс“, која понекогаш ја носи и нејзината ќерка и престолонаследничка, војвотката од Брабант, принцезата Елизабет.  

Имено, со измените на наследното право во 1991 година, право на наследство на белгискиот трон имаат сите деца на актуелниот монарх почнувајќи од најстарото независно од полот, со што се напушта дотогашната регулатива дека наследници можат да бидат само машките потомци. Врз основа на ова, престолонаследничка на белгискиот престол е принцезата Елизабет, која е најстаро дете на кралот Филип и кралицата Матилда. 

Покрај „Волферс“, принцезата Елизабет ја носи сопствена дијамантска дијадема што ја добила како подарок од нејзините родители во 2019 година по повод 18-тиот роденден.  

Сестрата на кралот Филип, принцезата Астрид на неколку гала настани се појавила со дијадемата во Арт Деко стилот на кралицата Елизабет или со дијадемата-ѓердан од колекцијата на Маргарита. Но, таа има и сопствена дијадема од семејната ризницата на нејзиниот сопруг, надвојводата Лоренц фон Хабсбург од Австрија-Есте, кој е внук на последниот австриски цар Карл. Станува збор за дијадемата „Савој-Аоста“ со спектакуларен дијамантски скапоцен камен, која и припаѓала на мајката на Лоренц, принцезата Маргерита де Савој-Аоста. 

Сопругата на братот на кралот Филип, принцот Лорен, принцезата Клер, пак има дијамантска дијадема, која ја добила како свадбен подарок од нејзините свекор и свекрва во 2003 година, како и помала дијадема во Арт Деко стилот украсена со дијаманти и бисери. 

Накусо, целата сторија за белгиската кралска ризница на накит може да се сведе на пресметката: речиси два века историја, седум кралици на Белгија и осум кралски дијадеми

Поврзани вести