
На северо-источниот дел од Битола, на Битолско Поле рамно како тепсија опстојуваше аеродром кој од непознати причини бил затворен, а потоа дислоциран од Долно Оризари во атарот на селото Логоварди.
Според документацијата на клубот „Мирко Тодоровски“, првите прелети над градот и слетувања на тогашниот аеродром во Битола регистрирани се во 1925 година и тоа беше единствениот мотив да се одбележи јубилејот 100 години, а потоа и да се потсети на далечната 1935 година кога била воспоставена редовна авионска линија на релација Белград-Ниш-Скопје-Битола-Солун.

Своите лични приказни од животот посветен на авијацијата за МИА ги пренесоа највозрасните членови на аеро клубот „Мирко Тодоровски“-Битола, Јован Свидерски, Благој Атанасовски и Ѓоко Поповски кои, иако навлезени во деветтата деценија од животот, велат – се сеќаваме како вчера да беше.

– Аеро клубот „Мирко Тодоровски“ со гордост го носи името на нашиот сограѓанин, голем пријател, другар, пилот и учител Мирко Тодоровски, човек од моето маало. Кратко ќе ви кажам за Мирко Тодоровски…тој често леташе со авионот, некогаш толку многу ниско над градот, над Гимназијата предизвикувајќи возбуда и мотиви веднаш да одиме на аеродром. Мирко Тодоровски беше моделар кој имаше направено прекрасни модели, потоа стана наставник по летање и работеше со Владимир Трајковиќ, основач на хеликоптерската единица во МВР. Овие податоци се важни за големиот јубилеј 100 години авијација во Битола, а јас можам да зборувам за периодот од 1949 година до денеска. Имено, во аеро клубот најнапред почна да се развива моделарството, потоа едрилици, моторни летови и падобранство. Во тоа време во Битола имавме комплетно оформен аеродром кој се наоѓаше во атарот на битолското село Долно Оризари. Тоа е истиот аеродром од пред 100 години, но, за жал, работата на аеродромот во Долно Оризари беше забранета од некои луѓе во Белград од Сојузната управа за цивилно воздухопловство. Веднаш по забраната побарав од тогашната власт во Битола да се реши проблемот и со многу преговори го добивме денешниот простор во атарот на селото Логоварди. Веднаш се зафативме со работа, а со локалните ентузијасти, меѓу кои професорите Тома Трајковски и Илија Мицевски, кои направија проект, се изгради аеродромот и така е и ден денес. Прво и основно место за нашето слободно време беше аеродромот и токму затоа жалам за денешните состојби и проблеми со кои се соочува клубот. Грев е да не опстои, истакна Јован Свидерски (87), пилот и поранешен претседател на клубот.
– Во својата домашна архива, како очите ги чувам моите „А“ диплома за падобранец и „Ц“ диплома и значка за летање“, ни рече Благој Атанасов (88) викан „фармата“ кој точно пред 70 години се вљубил во авијацијата.

– Во 1955 година станав моделар, потоа станав едриличар. Искусните пилоти ми препорачаа да продолжам да учам и стекнувам вештини и јас се запишав во Вршац во школата на ЈАТ каде завршив едриличарски курс. Почнав со наставникот Мирко Тодоровски кој знаеше се да каже. Летавме на германска едрилица „Рода“ и без падобран. Летавме со едрилици, потоа и со авиони, а најинтересно беше кога ќе летавме над Битола. Најдолгиот лет беше 4 часа и 25 минути. Слободно ќе речам, Битола е ризница на цивилното воздухопловство. И, на оваа возраст би летал, ама нема да ми дадат дозвола… се насмевна Благој.
И новинарите може да бидат пилоти, зарем не?! Се ракувавме и почнавме да разговараме со новинарот во пензија Ѓоко Поповски (85) кој не го криеше своето задоволство што повторно е на спортскиот аеродром „Мирко Тодоровски“ во Битола.

– Желбата да летам почна кога имав 16 години, како млад гимназијалец во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола. Во долго сеќавање ми се инструкторите Владо и Мирко кои овозможија да бидеме успешни, но и Нада Ицева и Аки Ибраимовски од Скопје. Теоретскиот дел од наставата го слушавме во есен и зима, а откако го совладавме тој дел продолживме со практична едукација. На аеродромот имаше еден авион кој го викавме „Политанец“ двокрилец кој сега може да се види само на историските филмови, а имаше и неколку едрилици „Јола“, „Чавка“… Услов за да се почне со летање беше да се совлада техниката на падобранство. Тоа го направивме. Јас имав 42 скока. Се сеќавам како падобранец во една прилика кога скокав од небото над Битола падобранецот не се отвораше 15 секунди, веднаш реагирав и го отворив резервниот падобран, а штом тој се активираше истовремено се отвори и главниот падобран. Паѓав со голема брзина и точно на целта затоа што тогаш имаше натпревар и јас постигнав југословенски рекорд. Благодарение на ладнокрвноста и теоретската надградба без проблеми слетав, а стравот го почувствував наредниот ден. Битола имаше многу талентирани пилоти со видни успеси.
Но, не продолжив во авијацијата, завршив Правен факултет и продолжив со новинарство, ни пренесе дел од своите сеќавања новинарот Ѓоко Поповски.
Во аеро клубот „Мирко Тодоровски“ активни се четири секции, моделарската секција чии членови освојуваат светски одличја, падобранска секција, секција за моторно летање и едриличарска секција. Иако оставени ветрометина, сепак, во живот или во воздухопловството во Битола ги одржува столбот на клубот, Васко Михалчев, познат воздухопловец кој 45 години е активен член на клубот.

– За мене и за клубот ова е голем ден, 100 години, како вистинска реткост за кој било спорт. Можам да се пофалам во целата моја кариера и активност во овој клуб, слободно ќе потврдам дека јас во клубот членувам 45 години. Јас сум првата генерација што работи на овој аеродром почнувајќи од 1980 година. Имавме многу добри инструктори, учители кои овозможија освен за летање да се учи и за животот. Ние имаме многу важна задача, ова да го оставиме на идните поколенија, да обучиме нови пилоти, луѓе наследници. Јас се пензионирав како професионален пилот, но сега сум ангажиран пилот во Дирекцијата за заштита и спасување, противпожарна авијација и бидејќи во државата нема професионални пилоти цело време сум активен при гаснењето на пожарите како што, за жал, беше и годинава. Секој ден сум на овој аеродром. Во моментов имаме пет авиони, од нив два авионa се наменети за обука, а исто така обучуваме и на две едрилици. Но, немаме доволно млади луѓе заинтересирани за оваа работа. Во моментов најчесто летаме со ултралесни авиони кои ги набавивме кога беа поевтини. Во тек е обука за едриличарство на која учествуваат пет ученици и три ученици за моторно летање. Важно е што имаме и едно девојче, нашата најмлада членка Марија Котевска (17 г.), истакна Михалчев.

На денот на јубилејот, кој се одбележа со слоганот „СТОлетие“, аеро клубот „Мирко Тодоровски“ ја доби најубавата честитка која „долета“ од Општина Битола и од каде потврдија дека во наредниот период локалната самоуправа ќе додели 10 стипендии за целосна обука на ученици кои сакаат да летаат со едрилица.