
На 8, 9 и 10 мај, по шести пат ќе се одржи најмасовната еколошка акција во земјава и регионот „Генералка Викенд“, која годинава мобилизира десетици илјади волонтери од 80 општини, над 600 организации и повеќе од 250 државни институции и компании.
Акцијата прерасна во национална традиција и најголема логистичка операција за собирање отпад и подигнување на еколошката свест кај граѓаните. Во текот на трите дена ќе се реализираат активности на повеќе од 500 локации низ целата држава, координирани од општините во соработка со Црвен крст на Република Македонија.
Официјалниот настан за отворањето на „Генералка викенд“ 2026 е во 9 часот на 8 мај и ќе го води Град Скопје со чистење на кејот на реката Вардар. Еко акцијата е организирана и поделена во осум тимови, на потегот од реката Лепенец до мостот „Киро Глигоров“ ќе бидат распоредени на северната и јужната страна на реката Вардар. Во соработка со Комунална хигиена и Паркови и зеленило ќе бидат мобилизирани стотици волонтери од приватни компании, институции и училишта за да ја исчистат најголемата зелена и рекреативна зона во главниот град.
Помеѓу многуте активности, се спроведуваат и посебни акции како што се: Чистење на дивите сметилишта во Националниот парк Шар Планина, предводени од 20 припадници на Вооружените сили, чувари на Националниот парк, експертски тим на австриската компанија за управување со отпад Саубермахер и локалното население. Како и еко акција во Охрид (Конгресен центар), за заштита на крајбрежјето, во соработка со студенти и професори од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Општина Охрид, клубовите Сороптимист Мома Охрид и Сороптимист Вадуц како дел од најстарата и најголема светска женска организација Сороптимист Интернешнл и со поддршка на Саубермахер.
Покрај сите активности за чистење на терен, преку соработката меѓу Министерството за образование и наука и УНИЦЕФ, еко-образовната програма „Еко час“ се спроведува во училиштата низ целата земја и во соработка со „Генералка викенд“.
Еко акцијата е волонтерска иницијатива, каде што учесниците се одговорни за сопствената безбедност и стана најголемата еколошка акција досега во нашата земја.
Успехот е резултат на долгогодишно партнерство помеѓу „Генералка викенд“ и официјалните партнери: Пивара Скопје, Пакомак, Нула Отпад, Макстил, ЕВН, ИУТЕ, Саубермахер, КАЗ Груп и Шпаркасе Банка. Нивниот придонес и заедничките заложби за почиста татковина и правилно управување со отпадот ја движат еко акцијата напред. Организации како ЗЕЛС, Црвениот крст, со институционална поддршка од многу министерства, УНИЦЕФ, Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и Вооружените сили, стотици невладини организации и општините ја пренесуваат пораката гласно и јасно: Подготвени сме да го рециклираме отпадот од минатото за зелена иднина! Максимата на иницијативата останува иста „Да се извалкаме и да исчистиме!“.

Македонски



