
Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека руската армија не се подготвува да ја заврши војната, туку подготвува нови офанзивни операции.
Зеленски на платформата Х им се заблагодари на лидерите на Европската Унија за нивната досегашна поддршка на Украина.
Во соопштението тој нагласи дека е „клучно единството на ставовите да остане непоколебливо“ и ги повика партнерите да го зголемат притисокот врз Русија.
„Сите заедно разговараме за прашања поврзани со безбедноста на Украина и Европа. Секоја одлука мора да придонесе за нашите заеднички безбедносни капацитети. И ако Русија одбие да ги запре убиствата, мора да биде одговорна“, рече украинскиот претседател.
Тој изрази поддршка за плановите на американскиот претседател Доналд Трамп за самит со рускиот претседател Владимир Путин.
„Навистина, сите ја поддржуваме решителноста на претседателот Трамп и заедно мора да обликуваме позиции што нема да дозволат Русија повторно да го измами светот“, рече Зеленски.
Тој нагласи дека сè додека војната и окупацијата продолжуваат, сите мора да го продолжат притисокот со сила, санкции и дипломатија.
„Им благодарам на сите што помагаат. Мир преку сила“, заклучи Зеленски во објавата на Х.