Skip to main content

Воените касарни во Велика Британија ќе се користат за сместување на баратели на азил

Freepik

Британското Министерство за внатрешни работи потврди дека стотици баратели на азил ќе бидат привремено преместени во воени касарни, додека владата се обидува да го намали користењето на хотелите за азил, објави Скај њуз.

Околу 900 мажи ќе бидат сместени во касарната Камерон во Инвернес и во кампот за обука Кроуборо во Источен Сасекс.

Владата очекува преселбите да започнат до крајот на ноември.

„Бесни сме поради нивото на нелегални мигранти и хотели за азил. Оваа влада ќе ги затвори сите хотели за азил. Работата е во полн ек и се нудат посоодветни локации за да се намали притисокот врз заедниците и да се намалат трошоците за азил“, изјави портпаролот на Министерството за внатрешни работи.

Покрај воените објекти, се разгледуваат и индустриски локации, привремени објекти и напуштени станови, додека службениците бараат дополнителни алтернативи.

Плановите првпат ги објави министерот за одбрана минатиот месец.

Одлуката доаѓа по инцидентот со Хадуш Кебату, барател на азил кој погрешно беше ослободен од затворот Челмсфорд минатиот петок, а потоа беше уапсен во Финсбери Парк во неделата.

Кебату беше прогласен за виновен во септември за сексуален напад врз 14-годишно девојче и жена во Епинг, една недела откако пристигна во Велика Британија со мал брод.

Министерот за правда, Дејвид Лами, најави независна истрага и изјави дека инцидентот е резултат на „човечка грешка“.

Поврзани вести