
Седумдесет и осумгодишниот Доналд Трамп, кој во првиот мандат беше обвинет дека не бил транспарентен за своето здравје, синоќа изјави дека е „во топ форма“ по годишниот медицински преглед, а лекарите официјално утре ќе го објават извештајот.
Се на се имав чувство дека сум во полна форма. Добро срце, добра душа, многу добра душа, рече Трамп во претседателскиот авион „Ер Форс Уан“ што го превезуваше на Флорида по деталниот медицински преглед во воената болница „Волтер Рид“ во предградието на Вашингтон.
Покрај срцевиот преглед, рече тој, направил когнитивен тест за да биде „малку поинаков од (Џо) Бајден“, неговиот претходник во Белата куќа.
За време на неодамнешната претседателска кампања, републиканецот Трамп постојано го напаѓаше својот демократски ривал Бајден поради неговата возраст и го повика да се подложи на когнитивен тест.
Не знам што да ви кажам освен дека ги имав сите вистински одговори – рече Трамп по неколкучасовни прегледи.
Прашањето за здравјето на американскиот претседател стана особено чувствително на крајот на претседателствувањето на Џо Бајден, кој мандатот го заврши на 82 години, одејќи сè повкочането, а говорот му стануваше понејасен, додека неговиот ривал во претседателската трка се чинеше дека има поголема физичка сила.
Трамп не пие алкохол и не пуши, но не крие дека сака безалкохолни пијалоци и брза храна. Тој за време на претседателската трка во 2024 година рече дека успешно го поминал когнитивниот тест, без да даде никакви детали. Во ноември 2023 година, тој објави кратко писмо од неговиот лекар кој рече дека е во „извонредна“ здравствена состојба и дека ослабнал, без да прецизира колку. Оттогаш тој нема објавено извештај за неговата здравствена состојба. Бајден, меѓутоа, објавуваше долги, детални извештаи за неговата здравствена состојба, каде што беше наведено дури и колку холестерол има или какви лекови зема поради алергии.
Трамп често беше обвинуван од противниците дека не е транспарентен за неговото здравје, особено во последните месеци од неговиот прв мандат кога беше хоспитализиран неколку дена поради Ковид-19