
Повеќе од 8000 летови вчера беа одложени низ САД, бидејќи отсуствата од работа на контролорите на летање, поради проблеми со буџетското финансирање на нивните плати, продолжија да го попречуваат американскиот воздушен сообраќај, а финансиската блокада на федералната администрација влезе во 26-от ден.
Американскиот секретар за транспорт, Шон Дафи, рече дека Федералната управа за воздухопловство во саботата имала проблеми со персоналот за контрола на летање на 22 локации и додаде дека се очекува дополнителните отсуства од работа на контролорите кои на друго место бараат платена работа да доведат до уште поголеми доцнења и откажувања на летовите во наредните денови.
Според FlightAware, веб-страница за следење летови, до 23 часот по источно американско време во неделата имало повеќе од 8.000 доцнења на летовите во САД, што е зголемување во однос на околу 5.300 во саботата.
Доцнењата на летовите се над просекот откако на 1 октомври престана да работи дел од државната администрација поради тоа што не беше постигнат договор за буџетско финансирање во Конгресот.
Околу 13.000 контролори на летање и околу 50.000 службеници во Управата за безбедност на транспортот мора да работат, иако не примаат плата за време на буџетскиот вакуум.
Трамп предупреди дека прекините на летовите ќе се зголемат бидејќи контролорите на летање утре за прв пат нема да добијат плата.
Контролорите на летање пред две недели примија 90 отсто од нивната редовна плата за периодот пред прекинот на буџетското финансирање. Но, утре би бил ден за исплата за нивната работа во октомври.
Контролорите кои се соочуваат со период без плата бараат други извори на приход, рече Дафи. „Прифаќаат дополнителни работи, ги бараат“, додаде тој.
На Федералната управа за летање од порано ѝ недостасуваат околу 3.500 контролори на летање, па многумина работеа прекувремено и до шест дена во неделата и пред прекинот на буџетското финансирање.

Македонски








