
Во поплавите што го погодија северниот дел на Нигерија бројот на жртвите се искачи на 151 лице. Повеќе од 3.000 луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови во градот Моква поради надојдената вода.
Северниот дел на Нигерија, по продолжена суша, на 29 мај беше погодена од обилни дождови кои предизвикаа поплави. Според локалните медиуми ситуацијата се влошила и поради уривањето на брана во соседниот град.
Претседателот на Нигерија, Бола Тинубу изјави дека наредил формирање на национален кризен штаб за да се обезбеди итна помош за населението на поплавениот регион.
Операциите за пребарување и спасување се во тек, а сите федерални агенции се мобилизирани за да помогнат во напорите на властите на државата Нигер, наведе Тинубу, додавајќи дека за населението е обезбедена хуманитарна помош и привремено засолниште.