
Семејствата на жителите на Амурската област кои загинаа при падот на авионот Ан-24 ќе добијат парична оштета од по пет милиони рубљи (околу 53.000 евра), соопшти денеска руската Влада.
„Роднините на загинатите во падот на авионот Ан-24 во Амурската област ќе добијат по пет милиони рубљи. Надлежните служби добија задача што поскоро да ги прифатат и обработат барањата за исплата“, стои во извештајот по седницата на владината комисија со која претседаваше министерот за транспорт Андреј Никитин.
Според агенцијата ТАСС, семејството на секое загинато лице во авионот Ан-24 ќе добие два милиони и 25 илјади рубљи од осигурителната компанија, два милиони рубли од превозникот и еден милион рубљи од регионалните власти како финансиска помош.
Гувернерот на Амурската област, Василиј Орлов, ја потврди одлуката. „Одлучивме на семејствата на загинатите жители на Амур да им доделиме по еден милион рубљи од регионалниот буџет“, објави тој на својот Телеграм-канал.
Несреќата се случи вчера, кога авион полетан од Благовешченск се урна во близина на Тинда, при што загинаа 48 лица. Гувернерот Орлов и членови на владината комисија го посетија привремениот прифатен центар во Тинда со капацитет за 50 лица, кој, според потребите, може да се прошири.