Skip to main content

Виткоф денеска кај Путин во Москва на разговори за прекин на војната во Украина

Рускиот претседател Владимир Путин ќе се сретне со специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, во Москва денеска, откако од  Белата куќа изразија оптимизам за постигнувањето договор за прекин на војната во Украина, објави Би-Би-Си. 

Според Би-Би-Си, се очекува да присуствува и зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, кој дејствуваше како надворешен советник во дипломатските разговори.

Самитот доаѓа по дводневните преговори во Флорида меѓу украински и американски претставници, вклучувајќи ги Виткоф и Кушнер, со цел да се усоврши мировниот план поддржан од САД, кој се сметаше за поволен за Русија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги опиша разговорите како „конструктивни“, но рече дека има „некои тешки прашања на кои сè уште треба да се работи“.

Средбата на Виткоф со Путин ќе се одржи во втората половина од вторник, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Зборувајќи по средбата со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз во понеделник, Зеленски рече дека приоритетите на Киев во мировните преговори се одржување на суверенитетот на Украина и обезбедување силни безбедносни гаранции.

Зеленски рече дека „територијалното прашање е најтешкиот“ елемент од мировниот договор, при што Кремљ продолжува да врши притисок врз Украина да отстапи територија на исток што сè уште ја контролира – нешто за кое Киев долго време тврдеше дека никогаш нема да го стори.

Разговорите во Москва во вторник доаѓаат неколку часа откако руските претставници тврдеа дека го освоиле клучниот стратешки град Покровск во источна Украина, познат на руски како Красноармејск, и североисточниот украински граничен град Вовчанск.

Поврзани вести