Skip to main content

Видео од пожар кај верски објект во Иран се шири на социјалните мрежи, но без независна потврда

На социјалните мрежи интензивно се споделува видео-снимка на која се гледа оган и густ чад во близина на верски објект, а која ја објави иранската активистка и новинарка Масих Алинеџад на платформата Икс (X). Во својата објава, таа тврди дека за време на тековните протести во Иран горела „една од најголемите џамии во земјата“, претставувајќи го настанот како симбол на народниот бунт против исламскиот режим.

Алинеџад во пораката наведува дека случувањето не треба да се толкува како хаос, туку како израз на децениски потиснат гнев, тврдејќи дека по речиси пет децении репресија, протестите се директна реакција на длабокото незадоволство во иранското општество. Нејзината објава предизвика илјадници реакции и споделувања, а видеото за кратко време се прошири и на други платформи.

Сепак, засега нема независна потврда за тоа каде, кога и под кои околности е направена снимката. На видеото не се забележуваат јасни ориентири, натписи или други визуелни елементи што би овозможиле сигурна геолокациска или фактографска проверка. Поради тоа, не може со сигурност да се утврди дали навистина станува збор за џамија, ниту дали снимката е директно поврзана со актуелните протести во Иран.

Иранските власти досега не излегоа со официјална реакција, а ниту релевантни меѓународни медиуми не потврдија дека во рамки на сегашните немири бил запален некој од поголемите верски објекти во земјата. Дел од корисниците на социјалните мрежи тврдат дека станува збор за џамија во Техеран, но овие наводи засега не се поткрепени со проверливи извори.

Во овој момент, единствено што може сигурно да се потврди е дека видеото го објави Масих Алинеџад – долгогодишна и гласна критичарка на иранските власти – и дека истото е придружено со силна политичка интерпретација на состојбите во земјата. До официјална потврда или демант од надлежните институции и меѓународните медиуми, експертите предупредуваат дека ваквите содржини од социјалните мрежи треба да се третираат со зголемена претпазливост.

Поврзани вести