
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул изјави дека Западен Балкан е дел од европското семејство, но дека во регионот расте недовербата дека во блиска иднина ќе стане дел од Европската Унија, што, како што предупреди, носи опасност од „враќање во старите времиња на непријателства и зголеменото влијание на Русија и Кина“.
Западен Балкан е дел од европското семејство. Затоа за нас е јасно: патот кон ЕУ ќе го поминеме заедно со шесте земји од регионот – изјави Вадефул во пресрет на министерскиот состанок за Западен Балкан во замокот Хилсборо кај Белфаст – соопшти германското Министерство за надворешни работи.
На состанокот, покрај министрите за надворешни работи на шесте земји од Западен Балкан, учествуваат и министри или високи претставници од Германија, Франција, Италија, Австрија, Словенија, Грција, Бугарија и други држави.
Дводневниот министерски состанок се одржува во рамки на Берлинскиот процес и има за цел да го подготви самитот на лидерите од Западен Балкан што ќе се одржи во Лондон на 22 октомври. Настанот започна синоќа со прием што го организираше британската министерка за надворешни работи Ивет Купер.
Вадефул оцени дека токму Берлинскиот процес е „катализатор во процесот на приближување на државите од Западен Балкан кон Европската Унија“ и дека оваа негова улога „денес е поважна од кога било“.
Луѓето почнуваат да ја губат довербата во можноста за скоро членство во ЕУ. Тоа не смееме да си го дозволиме, бидејќи тогаш се заканува враќање во времиња на непријателства и засилено влијание на Русија и Кина – рече Вадефул.
Тој нагласи дека улогата на Берлинскиот процес е и да ја поттикне секојдневната соработка и да донесе видливи подобрувања во животите на граѓаните – преку прекугранични младински иницијативи, слобода на движење или заемно признавање на дипломи.
Се разбира, на патот на помирување остануваат уште многу чекори. Токму затоа местото што нашите британски пријатели го избраа за овој состанок има посебна симболика – Белфаст потсетува дека по децении поделби, помирувањето е можно – изјави германскиот министер.
Тој додаде дека тоа не се постигнува „преку ноќ, туку со трпение, политичка волја и, пред сè, со храброст на многу луѓе да тргнат едни кон други дури и во тешки времиња“.
Состанокот се одржува симболично во замокот Хилсборо, каде што во 1998 година владите на Обединетото Кралство и Република Ирска го потпишаа Договорот од Белфаст, познат и како Договорот на Велики петок, со кој во голема мера беше ставен крај на северноирскиот конфликт.