Skip to main content

Ураганот Ерин се засили во трета категорија со ветрови од 190 километри на час

Ураганот Ерин, првиот од годинашната сезона на бури во Атлантскиот Океан, се засили во бура од трета категорија, со максимални одржливи ветрови од 120 милји на час, соопшти Националниот центар за урагани (НХЦ).

НХЦ соопшти дека очекува во следните неколку дена  ураганот да премине и во четврта категорија, објави Еј-Би-Си Њуз.

Ерин моментално е источно од Заветренските Острови, а според најновите проекции, во текот на викендов ќе се движи северно од Порторико и Американските Девствени Острови.

Се очекува невремето да донесе помеѓу пет и 15 сантиметри дожд, ветрови до 80 километри на час и можност за локализирани поплави и лизгање на земјиштето во овие области.

Предупредувањата за тропска бура се на сила за Сент Мартин, Сент Вартоломеј, Ангвила и Барбуда.

Иако повеќето временски модели предвидуваат дека Ерин ќе остане стотици километри од источниот брег на САД, прогнозите покажуваат дека силни бранови и опасни струи би можеле да го погодат брегот од 20 до 27 август.

Брегот на Северна Каролина би можел да биде особено ранлив, каде што се очекуваат бранови од 2,4 до 3,6 метри, додека во Јужна Каролина и Вирџинија би можеле да достигнат и до 1,8 метри.

НХЦ потсетува дека август, септември и октомври се најактивните месеци од сезоната на урагани во Атлантикот, која трае до 30 ноември. Оваа година се предвидува сезона над просекот во однос на бројот и интензитетот на бурите.