
Украинските сили ја запреа руската офанзива во пограничниот регион Суми, во североисточна Украина, објави денеска на Телеграм врховниот командант на Украина, Олександер Сирски.
Напредувањето на руските војници во пограничната област на регионот Суми е запрено, а линијата на борбен контакт е стабилизирана, изјави Сирски.
Тој додаде дека украинските сили вратиле територија која претходно била окупирана од руските сили.
Руските сили навлегоа во Суми откако вратија делови од регионот Курск во западна Русија од Украинците. Овој регион се смета за главна линија на напредување во руската летна офанзива, со голем број ангажирани војници, пренесе ДПА.
Рускиот претседател Владимир Путин на неодамнешниот Меѓународен економски форум во Санкт Петербург нареди создавање тампон зона во Украина и не ја исклучи можноста за заземање на регионалниот главен град Суми.
Според набљудувачите, руските сили сè уште се на околу 20 километри од градот, каде што се „заглавени“. Сирски објави дека украинските утврдувања во регионот се прошируваат. Координацијата со локалните власти, исто така, ќе се подобри, рече тој.
Украина се брани од руска инвазија од февруари 2022 година