
Претставничкиот дом на полскиот Парламент – Сејмот – денеска не успеа да го надгласа ветото на претседателот Карол Навроцки на новиот закон за регулирање на криптовалутите. Законот беше усвоен од Владата на премиерот Доналд Туск со цел да се спроведе европска директива и да се спречи финансирање на руски хибридни напади, шпионажа и саботажи во Полска и Европа.
За укинување на ветото гласаа 243 пратеници, но потребни беа 261, со што во сила останува одлуката на шефот на државата. Навроцки го одби потпишувањето на законот со образложение дека им дава премногу лесни и недоволно прецизно дефинирани овластувања на властите и надзорните органи да блокираат платформи за трговија со криптовалути.
Премиерот Туск гласањето го нарече „руски пари и тајни служби против безбедноста на државата и граѓаните“. На затворена седница тој им поднел извештај на пратениците за тоа како Русија, поради нерегулираната сфера на криптовалутите, ги користи токму тие пазарни механизми за финансирање агенти, саботажи и диверзии во Полска и Европската Унија.
Луѓе, освестете се. Постојат документи. Водечката фирма на криптопазарот ја финансира руската мафија, изјави Туск по затворената седница.
Тој побара повторно усвојување на законот за државата да добие механизми за контрола врз целосно нерегулираниот пазар. Полска, дополнително, има обврска да ја имплементира европската директива.
Законот ќе ни овозможи да ги контролираме деловите од криптопазарот во кои се инфилтрирани и кои ги контролираат руски и белоруски субјекти, како и други актери од поранешниот Советски Сојуз, рече Туск.
Министерот за финансии и економија Анџеј Домански предупреди дека поради нерегулираниот пазар околу 20 отсто од корисниците во Полска остануваат без пари поради масовни измами и недостаток на надзор.
Сакавме да ги заштитиме, а претседателот со ветото избра хаос и треба да ја преземе одговорноста, напиша Домански на мрежата Икс.
Кога ќе пукне балонот и илјадници Полјаци ќе го изгубат својот имот, барем ќе знаат кому да му заблагодарат, додаде вицепремиерот и министер за надворешни работи Радослав Сикорски.
Владата ќе мора да пронајде ново решение за имплементација на директивата на ЕУ. Лидерот на националистичката Конфедерација Славомир Менцен повика на консултации со опозицијата и претседателот за усвојување компромисен закон.

Македонски







