
Лувр денеска е повторно отворен за посетители, првпат по спектакуларниот грабеж во неделата, кога четворица крадци однесоа осум парчиња накит чија вредност е проценета на 88 милиони евра.
Од 9:00 часот, што е вообичаено време за отворање, првите посетители почнаа да влегуваат во Лувр, најпосетуваниот музеј во светот, јавија француските медиуми.
Сепак, Галеријата Аполон, каде што е извршена кражбата, ќе остане затворена, им било кажано од Лувр на новинските агенции.
Крадците во неделата наутро, непосредно по отворањето на музејот, со кран на возило паркирано пред зградата на Лувр, стигнале до салата од каде што го однеле накитот и побегнале со скутери, а целиот грабеж бил извршен за седум минути.