
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не ги запира војните за да ја добие Нобеловата награда за мир, туку за да спаси човечки животи. Тој нагласи дека за девет месеци успеал да прекине осум вооружени конфликти, додавајќи дека неговата цел не била признание, туку зачувување на мирот и животите, пренесува „Гардијан“.
Трамп истакна дека е оптимист за решавање на преостанатите прашања поврзани со Газа, но одби да заземе став околу можноста за формирање палестинска држава.
„Немам став за тоа. Ќе прифатам што и да се договорат“, изјави тој, според „Си-Ен-Ен“.
Американскиот претседател најави дека ќе отпатува во Египет за официјалното потпишување на договорот за прекин на огнот меѓу Хамас и Израел, како и дека е поканет да говори во израелскиот парламент — Кнесетот.
Во меѓувреме, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на платформата X сподели фотографија генерирана со вештачка интелигенција, на која Трамп е прикажан со Нобелова награда околу вратот, со коментар:
„Дајте му ја Нобеловата награда за мир на Доналд Трамп – тој ја заслужува“.
Поддршка за ваквата идеја даде и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој изјави дека Трамп треба да биде номиниран за наградата ако успее да донесе шанса за прекин на огнот во Украина. Нобеловиот комитет денеска треба да го објави добитникот на овогодинешната награда за мир.