
Кина сака да постигне договор, но не знае како да го направи тоа, изјави американскиот претседател Доналд Трамп, по средбата со шампионите од автомобилските трки пред Белата куќа.
Во своето обраќање, тој ги коментираше царините, истакнувајќи дека „луѓето почнаа да се однесуваат нервозно“ поради зголемувањето на царините. Видов дека луѓето малку ја преминуваат границата, стануваа нервозни и исплашени, рече Трамп, додавајќи: „За разлика од овие шампиони (возачите на автомобили), ниту еден друг претседател не би го направил она што јас го направив“.
Пред неколку часа Трамп најави царини за Кина од 125 отсто, додека за другите земји ги замрзна на 10 проценти 90 дена, оставајќи простор за преговори.
Трамп особено се фокусираше на Кина, која ја нарече „најголемиот злосторник во историјата“.
Чест ми е што воведов царини за Кина. Кина сака да постигне договор, но тие не знаат како да го постигнат. Претседателот Си (Џинпинг) е горд човек. Многу други земји, повеќе од 75 од нив, сите ни се јавуваат и сакаат договор. Можеме да направиме договор со ЕУ и со Кина, и тој договор ќе биде фер кон сите.
Имаме 36 трилиони долари долгови. Бевме експлоатирани и ограбувани со децении, размислував за тоа со децении. Ништо не е направено за тоа. Го направив истото во мојот прв мандат, но потоа моравме да поправиме се што се случи за време на Ковид, продолжи Трамп.
Американскиот претседател потенцираше дека повеќе од 75 земји веќе контактирале со САД за да преговараат, а на оние што би се обиделе да се одмаздат им порача: „Ако се осветите, ќе ви ги удвоиме царините“. Според Трамп, реакциите од другите земји покажуваат „огромен дух“, а тој останува уверен дека „ништо не е готово“ и дека преговорите ќе доведат до позитивен исход.