Skip to main content

Стратешко поместување на Русија на Блискиот Исток: Може ли Ирак да ја замени Сирија?

Додека Сирија се уште е во неизвесност по соборувањето на власта на Башар ал Асад и обидите да се стабилизираат новите власти во земјата, Русија спроведува стратешка промена. Ирак сега е новиот централен дел од долгорочната стратегија на Москва за Блискиот Исток. Ова може да се смета за фундаментална рекалибрација.

Ваквата промена во руската надворешна политика доаѓа поради сириската нестабилност. Дури и со неодамнешните разговори меѓу рускиот претседател Владимир Путин и новиот сириски лидер Ахмед ал-Шара, сирискиот режим се соочува со постојани предизвици. Растечкото влијание на радикалните фракции, ревизијата на старите договори и нејасната иднина за руските бази (како Хмејмим и Тартус) ја направија земјата сè понесигурен партнер за Русија.

Затоа пак, Ирак нуди поголема институционална стабилност и јасен апетит за големи економски партнерства.

Руската стратегија во Ирак се базира на четири столба:

Енергетска доминација: Руските енергетски корпорации добија пристап до огромното нафтено поле Ериду (проценето на 2,5 милијарди+ барели). Ова ја вградува Русија директно во долгорочниот енергетски циклус и извозната иднина на Ирак.

Стратешка инфраструктура: Русија се усогласува со проектот „Развоен пат“ на Ирак – голем копнен коридор од Персискиот Залив до Европа. Ова создава витална алтернатива на ранливите поморски пречки како Суецкиот канал, заобиколувајќи го притисокот на НАТО.

Воена соработка: Со планираното повлекување на коалицијата предводена од САД, се формира безбедносен вакуум во Ирак. Русија разговара за проширена воено-технолошка соработка, вклучувајќи испорака на модернизирана опрема, обука и потенцијални системи за воздушна одбрана.

Технолошки врски: Преку дрѓавната атомска агенција „Росатом“, Русија преговара за проекти за нуклеарна енергија, вклучувајќи изградба мали модуларни реактори. Ова заклучува стратешко партнерство од 15-20 години, создавајќи длабоки долгорочни врски.

Ваквото поместување на рускиот курс на Блискиот Исток кон Ирак не е директна замена за военото присуство во Сирија, туку е чекор кон поразновидна соработка околу енергијата, логистиката и економското влијание. Русија гради повеќеслојно присуство, преминувајќи од цврсто воено присуство на терен кон сеопфатно, прагматично партнерство.

Поврзани вести