
Советниците за национална безбедност на Франција, Велика Британија и Германија на утрешната средба во Женева ќе разговараат со претставници на Европската Унија, САД и Украина за мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп, изјавија неименувани извори на маргините на Самитот на Г20, што се одржува во Јужна Африка.
Франција, Велика Британија и Германија се во неформален сојуз за безбедност наречен Е3.
Новоименуваниот специјален пратеник за промоција на мировниот план за завршување на војната во Украина, Даниел П. Дрискол веќе пристигнал во Женева, а се очекува да пристигнат и специјалниот пратеник Стив Виткоф и државниот секретар Марко Рубио.
Вечерва во Женева ќе пристигне и украинската делегација, предводена од шефот на претседателскиот кабинет, Андриј Јермак. Во Женева ќе присуствуваат и секретарот на украинскиот Совет за национална безбедност и одбрана на Украина, Рустен Умеров, началникот на Главната дирекција за разузнавање (ГУР) на Министерството за одбрана Кирил Буданов, началникот на Генералштабот на вооружените сили на Украина, Андриј Гнатов и други високи претставници.
Неименуван германски претставник изјави дека европскиот мировен план, заснован на предлогот од САД, е испратен во Киев и Вашингтон.

Македонски








