Skip to main content
Новиот сириски лидер на средба со Путин

Сирија сака да ги редефинира односите меѓу Москва и Дамаск

Привремениот сириски претседател Ахмад ал-Шара во Москва изјави дека сака да „ги редефинира односите меѓу Дамаск и Москва“, за време на неговата прва средба со рускиот претседател Владимир Путин по соборувањето на Башар ал-Асад во декември, а Русија беше еден од главните сојузници.

Се обидуваме да ја вратиме и редефинираме новата природа на овие односи за да може Сирија да ужива во својата независност, својот суверенитет, како и во својот територијален интегритет, својата безбедност и стабилност“, рече ал-Шара за време на средбата со Путин во Кремљ што беше пренесувана на телевизија.

Сирискиот претседател, исто така, ги истакна „старите историски врски“ и „заедничките интереси“ на двете земји.

Тој го наведе фактот дека дел од снабдувањето со храна на Сиријците зависи од руското производство и дека бројните сириски електрани зависат од руската експертиза.

Рускиот претседател Владимир Путин го прими својот гостин во Кремљ. Тој ги поздрави „длабоките врски што ги обединуваат Русија и Сирија“ и изрази надеж за проширување на тие врски.

Состанокот ја истакнува желбата на Русија да воспостави функционални врски со новото сириско раководство.

Во текот на сите овие децении, секогаш сме биле водени само од едно нешто: интересите на сирискиот народ. Навистина имаме многу длабоки врски со сирискиот народ“, рече Путин.

Асад беше сојузник на Русија, а интервенцијата на Русија за да го поткрепи во борбата против ИСИС и исламистичките бунтовници пред една деценија го смени текот на сириската војна, помагајќи за Асад да биде на власт до неговото брзо соборување во декември 2024 година.

Русија, која се фокусираше на борбите во Украина и задржа само мал воен контингент во Сирија, не се обиде да се спротивстави на бунтовничката офанзива, но му даде азил на Асад кога тој избега од земјата.

Службеник на сириската Влада, кој не сакал да биде именуван, за француските медиуми изјавил дека за време на посетата, сирискиот претседател треба да разговара и за прашања поврзани со инвестициите, што ќе се случи со руските бази во Сирија и вооружувањето на сириската армија.

Поморската база во Тартус и воздухопловната база Хмејмим, кои се наоѓаат на медитеранскиот брег на Сирија, се единствените официјални руски воени пунктови во Сирија.

Москва ги користеше тие бази во голема мера за време на интервенцијата во сириската граѓанска војна во 2015 година, кога го поддржа Башар ал-Асад и ги бомбардираше областите под контрола на ИСИС и исламистичките бунтовници.

Иако беа на спротивставени страни за време на граѓанската војна, новите владетели во Дамаск имаа прагматичен пристап во односите со Москва.

Поврзани вести