Skip to main content

Шпанскиот оператор REE негира дека зависноста од соларната енергија е причина за масивниот пад на електричната мрежа

Freepik

Шпанскиот оператор на електрична мрежа REE во средата негираше дека зависноста од сончевата енергија е главниот виновник за најлошиот прекин на електричната енергија во земјата, додека премиерот Педро Санчез е под зголемен јавен притисок да објасни што тргнало наопаку.

Со враќањето во нормалата по масовниот прекин на електричната енергија во понеделникот, кој ги запре возовите, ги затвори аеродромите и ги зароби луѓето во лифтовите, противниците на Санчез ја искористија можноста да го впера прстот кон ниските инвестиции во системот кој сè повеќе се потпира на сончева и ветерна енергијакои .

Санчез најави владина истрага, велејќи дека бара одговори и од приватните енергетски компании коишто ја испорачуваат енергијата во електричната мрежа. Тој, исто така, рече дека можноста за кибернетички напад сè уште не е исклучена, иако државниот оператор на електрична мрежа REE делумно ја отфрли оваа можност.

REE, на чиешто чело е поранешната социјалистичка министерка Беатрис Коредор, го стесни изворот на прекините во снабдувањето со електрична енергија на два одделни инцидента на изостанување на производството во трафостаниците во југозападна Шпанија, но точните локации сè уште не се утврдени, па затоа е прерано да се објасни што ги предизвикало прекинот. Во интервју за радиото Cadena SER, Коредор во средата рече дека е погрешно да се обвинува високиот удел на обновлива енергија во Шпанија за прекинот на електричната енергија.

„Ваквите технологии се веќе стабилни и имаат системи што им овозможуваат да работат како конвенционален производствен систем без никакви безбедносни проблеми“, рече таа додавајќи дека не размислува за оставка.

Непосредно пред падот на системот, сончевата енергија сочинувала 53 проценти од производството на електрична енергија, енергијата од ветер речиси 11 проценти, а нуклеарната и гасната енергија 15 проценти, според REE.

Министерката за енергетика Сара Агесен изјави дека владата им дала рок на енергетските компании во среда да достават податоци за „секоја милисекунда во текот на тие пет секунди“ кога во понеделникот системот изгуби 15 гигавати енергија, што е еквивалентно на 60 отсто од побарувачката.

Политичките противници ја искористија можноста да истакнат дека Санчез предолго ги објаснува причините за прекинот на електричната енергија и посочуваат на можноста дека ги прикрива дефектите во REE.

„Бидејќи REE ја исклучи можноста за сајбер напад, можеме само да укажеме на лошата работа и пропустите во REE, која функционира благодарение на државните инвестиции и чии челници се назначени од владата“, рече Мигел Теладо, парламентарен портпарол на опозициската конзервативна Народна партија (PP) во интервју за RTVE.

Тој побара шпанскиот парламент да спроведе независна истрага, наместо владината истрага што ја најави Санчез.

Шпанската влада објави дека побарала од приватните енергетски компании „максимална соработка и транспарентност“ за да може да се утврди причината за прекинот на електричната енергија.

Извршниот директор на најголемата шпанска енергетска компанија „Iberdrola“, Санчез Галан, во среда изјави дека работењето на компанијата не е виновно за проблемот и дека REE треба да ги разјасни причините за прекинот на електричната енергија.

Антонио Туриел, експерт за енергетика во Шпанскиот национален истражувачки совет, во вторникот изјави дека верува оти главниот проблем е нестабилноста на електричната мрежа.

Поврзани вести