Skip to main content

Сè повеќе Американци се против тактиките на имигрантските власти

Довербата на Американците во Имиграциската и царинска служба на САД (ИЦЕ) бележи драстичен пад, додека поддршката за протестите против агенцијата расте, покажува нова анкета спроведена по убиството на 37-годишна жена од страна на федерален агент во Минеаполис.

Според анкетата на ЈуГов (YouGov), спроведена на 7 јануари на примерок од повеќе од 2.600 возрасни Американци, покажува дека 52 проценти од испитаниците не го одобруваат начинот на кој ИЦЕ ја извршува својата работа, додека 39 проценти ја поддржуваат агенцијата.

Повеќе од половина од испитаниците, односно 51 процент, сметаат дека тактиките на имигрантските власти се „претерано агресивни“, 27 проценти ги оценуваат како „главно исправни“, а 10 проценти сметаат дека не се доволно агресивни. Во исто време, 44 проценти од Американците ги поддржуваат неодамнешните протести против ИЦЕ, додека 42 проценти се против нив.

САД протест анти ИЦЕ

Според ЈуГов, во февруари минатата година, на почетокот на вториот претседателски мандат на Доналд Трамп, ИЦЕ имал позитивна нето-оценка од плус 16. Денес таа оценка е падната на минус 14, што се поврзува со спроведувањето на новите имиграциски политики, вклучително и контроверзниот план на Стивен Милер за апсење до 3.000 лица дневно.

Истата анкета покажува и дека 58 проценти од Американците веруваат дека во градовите низ САД се одвива некаква форма на војна или судир, додека 26 проценти не се согласуваат со таквата проценка. Ова чувство е најизразено кај граѓаните постари од 65 години, од кои 74 проценти сметаат дека судирите се веќе во тек.

Паралелно со падот на популарноста на ИЦЕ, расте и поддршката за целосно укинување на агенцијата. Според податоците на истражувачката компанија „Civiqs“, во септември 2024 година само 19 проценти од граѓаните го поддржувале укинувањето, додека 66 проценти биле против.

Во јануари годинава, поддршката за укинување на ИЦЕ пораснала на 42 проценти, додека 49,5 проценти се против. Меѓу демократите, укинувањето на ИЦЕ станало мнозински став, со поддршка од 69 проценти од избирачите.

Поврзани вести